Атина подготвена за утрешниот митинг, главен говорник Микис Теодоракис (ВИДЕО)

Резолуција против користење на терминот „Македонија“ за името на северниот сосед ќе биде прочитана и одобрена на крајот на утрешниот митинг на плоштадот „Синтагма“ во Атина.



Според организаторите, потоа ќе се одржи средба со шефот на државата Прокопис Павлопулос во Претседателската палата, на која ќе му биде предадена резолуција на „народното собрание“ на митингот, со која ќе се повика да не се користи името Македонија „за Скопје“ и со која ќе се предупреди дека „неуспехот на народните претставници да се придржуваат кон ова барање на народот ќе биде сериозно прекршување и укинување на принципите… на демократијата“.

Во исто време, како што е најавено, резолуцијата ќе биде испратена и до премиерот Алексис Ципрас и до спикерот на Парламентот, Никос Вутис.

Инаку, на прес-конференција во понеделникот Координативниот комитет за утрешниот митинг истакнаа дека собирот не е поттикнат од партиите; дека очекуваат тројно повеќе луѓе отколку присутните на митингот во Солун на 21 јануари; побараа од властите да го заштитат секој граѓанин кој би сакал да демонстрира мирно за Македонија; го нападнаа посредникот на ОН, Метју Нимиц, за кој реакоа дека не бил „непристрасен“; ги осудија напорите на некои кругови да ја променат традицијата на домородните Македонци во северна Грција; повикаа на нова мобилизација на грчкиот народ и го повторија барањето за одржување референдум на кој народот (треба) да го одобри евентуалниот договор за името.

Организаторите имаат амбиција митингот да го надмине оној одржан во 1992 година и да испрати „јасна порака внатре и надвор од границите“.

Предвидено е да има тим од волонтери околу централната платформа, за да се спречат екстремни елементи да влезат меѓу митингашите.

Трошоците за организацијата, за поставувањето на платформата и за озвучувањето ќе бидат покриени со поддршка од „македонски организации од Грција и од грчката дијаспора“, како и од компании и поединци кои го поддржуваат собирот.

Главен говорник ќе биде композиторот Микис Теодоракис, кој претходно најави дека, ако не може лично да присуствува, на присутните ќе им се обрати преку видео линк.