Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со задоцнување од седум дена, конечно го доставила предлог-буџетот за 2025 година до Советот на Град Скопје, пишува Плусинфо.
Како што наведува порталот советниците ќе расправаат за неговото донесување на седницата што ќе биде закажана за 24 декември.Од ВМРО-ДПМНЕ пред една недела упатија критики до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и нејзиниот тим, обвинувајќи ги за пробивање на рокот за поднесување на предлог-буџетот за градот.
– Не знаеме каде завршил предлог-буџетот, можеби е заглавен во нечија канцеларија во Ѓорче, можеби кај блиски роднини на Арсовска, или во некој штаб кој е во нејзина близина. Но, она што е сигурно е дека предлог-буџет сè уште нема. Во прилог доставуваме документ кој јасно покажува дека рокот за поднесување на буџетот е пробиен – истакнаа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, Град Скопје уверуваат дека предложениот буџет за 2025 ќе биде развоен и ќе ги опфати приоритетите на градот.
– Целиме кон подобрување на инфраструктурата и услугите за граѓаните, заедно со решавање на долгогодишните проблеми – рекоа од кабинетот на Арсовска.
Извор: https://plusinfo.mk/po-docne-e-od-sedum-dena-arsovska-go-predade-predlog-bu-etot-e-ima-li-politichka-drama-vo-sovetot-na-24-dekemvri/





