Беса Арифи: Македонско-косовска наместо меѓународна истрага за Диво Насеље

Не може да се спроведе меѓународна истрага за кумановско Диво Насеље, вели за медиумите на албански јазик во земјава професорката Беса Арифи.



Професорката на Штулов универзитет е сестра на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, и член на т.н. Реформски совет за правосудството, кој деновиве е на удар од членството, кое забрзано го напушта со обвинувања дека е машинерија на власта, а не вистинско реформско тело.

Според Арифи, „вистинска меѓународна истрага се покренува кога не станува збор за изолирани случаи, и тоа од страна на светска организација како Обединети нации“.

Таа тврди дека она што може да се направи во кумановскиот случај е, пред сè, да се организираат заеднички истражни тимови со Косово, како и да се соработува со тамошното министерство за правда за евентуална кривично-правна помош.

„Може да се искористи и меѓународна полициска помош, што може да се спроведе преку Интерпол“, додава Арифи.

Таа ја држи линијата дека овој случај треба да се решава исклучиво со косовска помош и интервенција.

Тоа практично, според професорката, би значело еден вид меѓународна истрага. Крајната цел, според неа, е конечно расветлување на целиот случај и враќање на довербата во институциите.