Апелацискиот суд во Гостивар му го врати на повторно судење на Основниот суд во Тетово предметот за тоа кому му припаѓа партијата Алијанса за Албанците – на крилото на Зијадин Села, како што беше решено во одлуката на тетовскиот суд, или на тоа на Арбен Таравари, кој го обжали тоа решение.
Основниот суд во Тетово во април годинава донесе одлука печатите на партијата да ги добие крилото на Села, кој беше избран за претседател на партијата од нејзиното раководство.
Страната на Таравари тогаш се жалеше дека одлуката е донесена без рочиште и оти биле сменети пет различни судии до конечната одлука.
Во меѓувреме, крилото на Села стана дел од т.н. Европски фронт предводен од сега опозицискиот ДУИ, а тоа на Таравари со уште три партии ја формира коалицијата „Вреди“, која по парламентарните избори во мај стана дел од Владата.






