Анкета: Македонците поделени за промена на името заради ЕУ и НАТО

Педесет проценти од етничките Македонци, од кои 30 отсто целосно и 20 отсто делумно, даваат поддршка за менување на името со цел влез во ЕУ и НАТО, а 48 отсто се против, од кои 42 отсто воопшто не поддржуваат, додека два отсто немаат одговор, е заклучокот од анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).



Овие резултати драстично отстапуваат од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Брима“, спроведено од 27 ноември до 1 декември 2017 година по барање на порталот МКД.мк, според кои двајца од тројца етнички Македонци не се согласуваат со промена на името Република Македонија како услов за членство во НАТО. Поточно 67,1 проценти од Македонците одговориле негативно на тоа прашање, 12,9 отсто не се за зачленување во Алијансата без разлика на условите, а 15,6 отсто се согласуваат.

Наспроти ова, кај Албанците нема поголема разлика меѓу анкетите на ИДСЦС и на „Брима“. Според истражувањето спроведено од „М-проспект“ со телефонско јавување од 19 до 26 јануари на национален примерок од 1.000 испитаници, 95 проценти од албанското малцинство во земјава се за менување на името, од кои 84 отсто целосно и 11 отсто делумно го поддржува тоа, а само еден отсто воопшто не го поддржува, додека четири проценти не знаат или немаат одговор. Во анкетата на „Брима“, пак, 81,4 проценти од Албанците се согласуваат, 7,2 отсто се против, а 1,5 отсто не сакаат членство во НАТО.

Според ИДСЦС, 66 проценти од тие што гласале за ВМРО-ДПМНЕ се против промена на името за влез во ЕУ и НАТО, а 33 отсто. Спротивно на ова, 76 проценти од гласачите на СДСМ даваат поддршка, а 18 отсто не.

Понатаму, 61 проценти од анкетираните, без оглед на националноста, одговориле позитивно на прашањето дали поддржуваат решавање на проблемот со името со цел побрз влез на Македонија во ЕУ и НАТО, а 37 отсто биле против.

На прашањето „ако се промени името, во колкава мера сметаат дека ќе се промени и значењето на тоа што е Македонија и македонски народ“, 34 проценти одговориле дека целосно ќе се промени, 19 отсто донекаде ќе се промени, 33 проценти воопшто нема да се промени и 4 отсто донекаде нема да се промени.

Идејата дека со промена на името ќе се менува и идентитетот на Македонија и на македонскиот народ го споделуваат 60 проценти од етничките Македонци, а 35 отсто не се убедени во тоа. Кај Албанците тие бројки се: 58 проценти нема да се промени, а 30 отсто се со потврден одговор.

За истото прашање, 68 проценти од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ќе има промена на значењето на тоа што е Македонија и македонски народ, а 22 отсто мислат дека воопшто нема да се промени. Од тие што гласале за СДСМ, пак, 50 проценти сметаат дека нема да се промени, а 46 отсто да.