Дури 69,5% од анкетираните сметаат дека новата Влада не треба да прифати внесување на Бугарите во Уставот дури и по цена на одложување на почетокот на преговорите со Европската Унија.
Во спротивното, убедени се 21% од анкетираните, покажуваат бројките од анкетата која за Детекторк ја спроведе Институтот за политички истражувања, Скопје.
Доколку утре има референдум 60,2% од граѓаните ќе гласаат за членство во ЕУ додека 28,7% би гласале против.
Интересно е што анкетата оваа година покажува најголем број на граѓани кои би гласале против: Ако во 2019 против биле само 17,3%, денеска таа бројка порасна до 28,7%.
Најголем дел од граѓаните или 31,7% сметаат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, 18,1% очекуваат тоа да се случи во следните 5 години, 15,9% во следните 10, а 14,8% очекуваат влез во ЕУ во следните 15 години.
Сепак, повеќе од две третини од граѓаните се подготвени да го жртвуваат членството во ЕУ доколку до таму единствениот пат е внесување на Бугарите во Уставот.
Значителни се разликите по ова прашање меѓу Македонците и етничките Албанци. Додека 63,5% Македонци се против преговарачката рамка а поддршка даваат само 11,6%, кај етничките Албанци ситуацијата се спротивна. 55,9% од етничките Албанци даваат поддршка на преговарачката рамка креирана според францускиот предлог додека 22,7% се против, пренесува Плусинфо.






