Анита Салтировска ги демантира изнесените лаги и манипулации: СДСМ се служи со клевети

„Ниту фирмата Салтировски консалтинг вршела рекет, ниту водела фиктивно сметководство за фирмите поврзани со дискотеката „Пулс“. Сопственичката на оваа компанија Анита Салтировска остро ги отфрла тврдењата на опозициската СДСМ дека наводно преку оваа фирма биле исплаќани паушали за полициска заштита на локалите кои биле оставени без контрола, меѓу кои и дискотеката „Пулс“ која се запали на 16-ти март.



„За наводен рекет за кој СДСМ зборува, тоа е тотална лага“, вели Анита Салтировска, сопственик и управител на „Салтировски Консалтинг“.

Што се однесува до информациите дека оваа фирма е донатор на ВМРО-ДПМНЕ, Салтировска вели, дека тука нема ништо за криење, бидејќи тоа биле јавно достапни информации.

Иако сопругот на Салтировска, Дејан Салтировски, по пожарот во Кочани беше разрешен од позицијата началник на СВР, СДСМ обвинува дека владејачката партија го штитела бидејќи бил донатор. Неговата сопруга вели дека има пријава и против него.

„Има поднесок против мојот сопруг, треба да бидеме трпеливи и времето да покаже, дали мојот сопруг има вина или можеби ќе се докаже неговата невиност. По однос на трансакциите на мојата фирма, со кочански фирми, тоа лесно можам да го докажам, претпоставувам тоа веќе го имаат во Обвинителството, бидејќи за се има трансакции, докази, и тие се достапни“, додава Салтировска.

СДСМ и денеска реагираше дека немало да дозволат да се сокрие вистината. Обвинуваат за директна врска меѓу трагедијата во „Пулс“ и највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали „Салтировски Консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип служела како фирма параван за прибирање на рекет од локалите кои биле изоставени од контрола на полицијата – како што бил примерот со дискотеката „Пулс“?, реагира Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор.

Инаку, истрагата која ја води Обвинителството за организиран криминал, опфаќа над 20 полициски службеници и началници од Кочани и Штип.