Ангела Мешкова го заврши Факултет за електротехника и информациски технологии, на студиската програма Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија, со просек 10,00 и овој успех ѝ ги донесе наградата за еден од најдобрите студенти на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за учебната 2022/2023 година и стипендијата за магистерски студии на престижниот Институт за технологија во Лозана, Швајцарија.
Ангела вели дека неколку главни состојки се потребни да се постигне ваков успех, меѓу кои се дисциплината и љубовта кон тоа што се студира.
– Има неколку главни состојки кои водат до ваков успех: дисциплина, посветеност и најважно од сè – љубов кон она што го студирате. Покрај тоа, не можам, а да не ја споменам секојдневната поддршка што ја добивав од моите родители, дечкото и најблиските другари. Дури би рекла дека за нив беше и понапорно бидејќи мораа да се справуваат со амбициозната Ангела – вели Мешкова.
Интересот за електротехничките науки го стекнала во основно училиште благодарение на нејзината строга наставничка која ја насочила да го продолжи патот кон математиката и физиката.
– Уште како мала, математиката и физиката ми одеа од рака, а најголемиот интерес за електротехника го стекнав во основно училиште благодарение на мојата строга наставничка по физика Танка, која ја обожавав. Средното образование во СУГС „Орце Николов“ дополнително ми помогна, давајќи ми одлична основа по математика, која беше особено значајна во првата година на ФЕИТ. Одлуката за запишување на ФЕИТ беше природна, а насоката Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија ја одбрав бидејќи обновливите извори на енергија беа актуелна тема. Си реков сигурно ќе има простор за развој и нови инженерски решенија, тоа е иднината, и не се излажав – раскажува Ангела.
Најдобрата студентка на ФЕИТ најголемите предизвици ги имала за време на пандемијата, но ги надминала благодарение на помошта од професорите.
– Морам да признам дека првата недела, кога уште не знаевме колку е сериозна работата, ми дојде убаво – одмор од сите обврски и брзиот живот. Меѓутоа, преостанатиот дел од семестарот беше неподнослив. Дома, пред компјутер, без интеракција со колегите и професорите… Од моето искуство, односот професор-студент на ФЕИТ е незаменлив. Независно дали се работело за стручно прашање или потреба од некаков совет или помош, речиси сите професори секогаш излегуваа во пресрет. Нивната посветеност и човечност дополнително ме мотивираа да учам и да го црпам знаењето што го даваа, како за наука така и за животни искуства – се присети Мешкова.
Ангела ги обожавала сите предмети на ФЕИТ, почнувајќи од задолжителните, па сѐ до изборните, но најмногу уживала во Основи на електротехника и Основи на електрични кола, Практикум во LabVIEW, Инженерски и софтверски алатки, Енергија и одржлив развој, Преносни и дистрибутивни системи, Проектирање системи за ОИЕ и Мрежно поврзување на ОИЕ.
Целото интервју прочитајте го тука.





