Анализа за химните и државните симболи во светот: во САД со 1500 етникуми химната и знамето се проследуваат со рака на срцето

Пишува: Свето Тоевски



Сега кога се почесто се слушаат барања за промена на македонската химна и грб, кога тие се отфрлаат како белези на македонската држава од страна на политичките претставници и видни интелектуалци од редовите на албанската етничка заедница, донесуваме споредбена анализа со примери како се третираат државните симболи на водечки држави во светот. Се задржуваме најпрвин на Соединетите Американски Држави – најкарактеристичниот случај, кој ќе треба да го имаат предвид посебно  претставниците на албанската етничка заедница, имајќи предвид и колку Албанци живеат во САД, но со оглед и на фактот колкаво значење имаат САД за овдешните Албанци. Во Соединетите Американски Држави, држава со 334 милиони жители и со огромна јазична, религиозна, расна и етничка разновидност, тамошното Пописно  биро има регистрирано повеќе од 1500 расни и етнички групи.

Редовното исполнување на химната го засилува патриотизмот и го прославува заедничкото искуство на Америка“

Во документот на државниот Оддел за основно и средно образование на американската сојузна држава Арканзас од 15 април 2022 година, покрај другото, се наведува: „Од најголема важност е младите во Арканзас да учат за националната химна на Соединетите Американски Држави ‘The Star-Spangled Banner‘ –Знаме осветлено со ѕвезди’. Училишните совети и директорите треба да усвојат јавна политика, со која ќе биде овозможено изведување на американската државна химна во текот на часовите во училиштата и за време на спортски натпревари. Со оваа политика ќе треба да се бара и секоја јавна детска градинка да ја исполнува американската химна најмалку еднаш неделно за време на часовите со децата. Редовното исполнување на химната го засилува патриотизмот и го прославува заедничкото искуство на Америка.“

Во својата статија „Американизам: поздравувајќи го знамето“, Франческа „Френки“ Бил, означена „Амбасадор на националниот американизам и патриотски инструктор во 2021-2022 година“, истакнува: „Поздравувањето на црвеното, белото и синото – боите на американското знаме е сведоштво за искрен патриотизам, лојалност, љубов кон нашата земја и почит кон американските идеали. Ѕвездите и лентите на американското знаме ги симболизираат слободите, еднаквоста, правдата и хуманоста, кои што нашите предци ги дефинираа како суштина на американската демократија. Знамето на Соединетите Држави ги симболизира жртвите, направени од милиони Американци, за да го задржат нашиот начин на живот безбеден. Постојат два начина за правилно поздравување на знамето на САД: со поздрав на раката до главата и со раката ставена над срцето.“.

Оваа „амбасадорка на американизмот“ го нагласува во својата статија посебно и следново: „Секцијата 5 на Јавниот закон 94-344, познат како Федерален закон за знамето и усвоен од Конгресот на САД, пропишува: ‘За време на церемонијата на кревање, или спуштање на знамето, или кога знамето поминува на парада или ревија, сите присутни лица, освен оние во униформа, треба да се свртат кон знамето и да застанат со внимание кон него и со десната рака, поставена над срцето. … Кодот на знамето, исто така, укажува дека кога се свири националната химна и се истакнува знамето, сите присутни, освен оние во униформа, треба да стојат со внимание свртени кон знамето со десната рака над срцето.

Повеќе од 15 години во Јапонија Министерството за образование преку реализирање наставни програми всадува јапонски патриотизам кај учениците

Еве каков однос се всадува и се негува уште кај најмладите поколенија во една, исто така  развиена и водечка држава во светот, во Јапонија. Во статија со наслов „Основните училишта се пред нова обврска: патриотизам, ‘Кимигајо“, објавена на 29 март 2008 година, јапонскиот информативен портал „The Japan Times“ има објавено: „Министерството за образование на Јапонија објави ревидирана наставна програма за образование за основните и средните училишта, која повикува на промовирање патриотизам и обврзување на јапонските деца меѓу прво и шесто одделение да ја пеат националната химна на Јапонија ‘Кимигајо’. Министерството соопшти дека целосно ќе го спроведува ревидираниот водич во основните училишта од учебната 2011 година, со цел да се всади патриотизам кај учениците.“

Во редакциска анализа, објавена на 26 септември 2017 година, „Гласот на Америка“ на англиски јазик констатира дека „низ светот, знамињата, химните и другите национални симболи често можат повеќе да поделат, отколку да обединат, особено во земјите со големи верски или етнички поделби“. Притоа овој американски медиум посочува низа примери на отфрлање, или сквернавење на националните симболи, но и како одделни држави во светот постапуваат кон таквите случувања. Од анализата на „Гласот на Америка“ го издвојуваме случајот со Индија, кој споредбено може да се поврзе со Македонија, со палењата на македонското државно знаме, со отфрлањето на македонската државна химна, како и со истакнувањето мапи на други држави со делови од македонска територија во нивни рамки.

Во Индија седум години затвор за цртање и објавување географска карта, со која „се доведуваат во прашање границите на земјата“

Гласот на Америка“ укажува дека „Индија одамна е чувствителна кон навредувањата на нејзините национални симболи“. „Иако индискиот закон не бара луѓето да стојат кога се свири националната химна на земјата, во 2016 година Врховниот суд донесе одлука, со која е бара токму тоа. Исто така, Врховниот суд пресуди дека киносалите мора да ја обноват традицијата на свирење на химната пред секој филм, нагласувајќи дека сите присутни ‘мора да станат со почит’.“ – истакнува медиумот.

Натаму, „Гласот на Америка“ се задржува и на реагирањето на индиската држава и на други видови сквернавење државни симболи, или одделни нејзини карактеристики. „Сквернавењето на знамето на Индија се казнува со затвор до три години. Граѓаните фатени како го палат, или на друг начин го сквернават знамето со три бои на Индија, исто така, може да бидат казнети со до три години затвор. Но, ништо не го надразнува раководството на земјата повеќе од мапите, што ги доведуваат во прашање границите на земјата. Индија рутински ги критикува своите соседи, како и компаниите како Гугл или Твитер, кога објавуваат мапи, на кои територии под контрола на Индија, им припишуваат било на Пакистан, било на Кина. Минатата година, пратениците во индискиот парламент во 2016 година подготвија закон, со кој се одредува казна од 15 милиони долари и седум години затвор за цртање и објавување на неточна географска карта.“ – има напишано „Гласот на Америка“ во својата анализа.