Анализа: Ветото на Радев и зошто Данска ја советува Македонија „да го зграпчи евробугарскиот моментум“, додека „Бугарија станува дански приоритет“?! (2)

Во продолжение објавуваме втор дел од анализата за најавите на данското претседателство со ЕУ кое почнува на почеток на идниот месец како и за тврдењето на Румен Радев дека Бугарија не ставила вето на Македонија.



Пишува: Свето Тоевски

Бугарскиот претседател Румен Радев претходно се правдаше дека „Бугарија не вовела вето“ и оти „нема никакви други услови“. Не е точно ова, што го го тврди Радев: Бугарија има употребено вето за блокирање на македонскиот „пат кон ЕУ“. Два пати, не еднаш. Во својата анализа од 5 јуни 2025 година со наслов „Бугарија го попречува извештајот на Томас Вајц на Европскиот парламент за пристапување на С. Македонија во ЕУ“  угледниот европски магазин „Политико“ практично веќе однапред го има демантирано Радев дека „Бугарија никогаш не ставила вето на европскиот пат на Македонија“.

„Политико напиша: „Бугарија го употреби своето право на вето повеќе од еднаш, за да ги запре преговорите за пристапување на С.Македонија, барајќи уставни и образовни реформи како услови за напредок. Бугарија долго време го обвинува својот западен сосед за негирање на нивната заедничка историја, како и за негирање на бугарските корени на северномакедонскиот јазик и идентитет.“

Треба да се обрне внимание на терминот „северномакедонскиот јазик и идентитет“, што е показ и доказ дека „геополитичкиот инженеринг“ со македонскиот идентитет со македонскиот народ и неговиот македонски јазик продолжува со несмалено темпо на меѓународната сцена, овојпат врз основа и на апсурдните великобугарски барања на официјална Софија, кои би морала Македонија да ги прифати, за да може да го „зграпчи европскиот моментум“, што сега ни го нудат и Данска и Мари Бјере.

Дали им е воопшто грижа на ЕУ и Данска дека и по промена на македонскиот устав би следело незапирливо „софиско цунами на нови евроуслови и уцени накај Вардарот во Скопје“?

На почетокот на декември 2020 година данското Министерство за надворешни работи се огласи со демант на гласините дека тогаш „Данска го поддржала ветото на Бугарија за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со С.Македонија“. „Лажни се извештаите објавени во бугарските медиуми, во кои се тврди дека Данска се придружила на ветото на Бугарија за преговорите за пристапување во ЕУ со С.Македонија. Данска ги поддржува предлозите на Европската комисија во врска со преговарачката рамка за Албанија и за С.Македонија и тоа го стави јасно на знаење на сите релевантни форуми. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки. Данска ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на преговорите за пристапување со Албанија и со С. Македонија, откако ќе бидат исполнети барањата на Советот за општи работи од март 2020 година.“ – имаше соопштено тогаш данското Министерство за надворешни работи. Значи, сегашниов Радев бил демантиран и од Данска „однапред“, уште пред пет години, околу неговата лага дека немало бугарски вета за Македонија.

Радев исто така посочува: „Постои Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и два протокола. Постои Преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус од сите земји членки и од Владата на С.Македонија, така што Бугарија никогаш не поставувала, ниту ќе поставува услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и од двата протокола.“

И да ги спроведе Македонија бараните евробугарски промени на својот устав веднаш, сите услови, кои допрва би ѝ наложувала Бугарија на Македонија, веќе се во состојба на „висока подготвеност“, како „запната пушка“ подготвена само да „пукне“ со ново, трето по ред вето веднаш истиот момент откако Македонија нема да го исполни првиот, па вториот, па третиот услов (читај: наредба, уцена, диктат и ултиматум, спакувани во едно!). Би следеле во незапирлива низа натаму сите нови и најнови услови, кои би „истекувале“, посебно од вториот протокол, како незапирливо „софиско цунами накај Вардарот во Скопје“

Значи, провиден маневар се овие тврдења на Румен Радев, кои ги изнесе и нивниот министер за надворешни работи Георг Георгиев. Не остави простор за верување министерката за европски прашања Мари Бјере дека им обрнува внимание на овие маневри на Радев и Георгиев.

Македонската проактивна надворешна политика можеби дава одредени резултати, кои ја ставаат Бугарија во релативно силен притисок да мора да објаснува зошто ја блокира соседната земја. Но, наспроти таквата македонска политика, Бугарија, соочена со реалноста, бара нови „подземни“ дипломатски влијателни канали и дејствува во „пакет“ како непринципиелна антимакедонска коалиција со Атина, со цел да ги одржи во живот своите и нивните уцени и дејствувања, спротивни на мегународното право.

„Сè повеќе и повеќе Бугарија станува и дански политички приоритет“!

Сорен Јакобсен, во својство како дански амбасадор во Бугарија, даде интересно интервју за бугарскиот портал „Дипломатски спектар“ на англиски јазик на 21.12.2019 година. Еве неколку покарактеристични моменти од ова интервју:

„Данска и Бугарија имаат многу добри билатерални односи. Всушност, нашите дипломатски односи постојат 88 години и датираат од 1931 година. Не само што многу дански компании цврсто се етаблирале во Бугарија, туку близу 70.000 дански туристи ја посетуваат Бугарија годишно.

Сè повеќе и повеќе Бугарија станува и дански политички приоритет, што беше потврдено со посетата на поранешната данска министерка за имиграција и интеграција Ингер Стојбер, во јануари 2019 година. … Во Бугарија има многу дански инвестиции, а Амбасадата им помага на компаниите кои би можеле да бидат заинтересирани да основаат или да се прошират во Бугарија.

Некои од најголемите дански компании се основани во Бугарија. Инвестициите се прошируваат. …

Исто така, Бугарија е интересна туристичка дестинација за Данците. Со близу 70.000 дански туристи кои патуваат во Бугарија секоја година, постои голем дански интерес за истражување на Бугарија.“ – изјави Јакобсен пред пет години.

Данскиот амбасадор во Софија Јес Брогард Нилсен во интервју за вториот бугарски портал „Новините“ на 27.9.2022 година ќе го повтори дословно истиот став за „многу блиските односи на Данска и Бугарија и оти „сè повеќе и повеќе Бугарија станува и дански политички приоритет“. Дополнително, запрашан „како може уште повеќе да се подобрат данско-бугарсклите односи во блиска иднина, а исто така и на долг рок“, Нилсен ќе одговори: „Бугарија е европска земја со европска историја и култура.

Од крајот на комунизмот Бугарија работеше на тоа да се смести во средината на семејството на европски земји. Од самиот почеток, Данска го поддржуваше ова. Најдобриот начин за понатамошно подобрување на нашите билатерални политички односи е Бугарија и Данска, и поединечно и заедно, да работат на почитување на владеењето на правото на национално и меѓународно ниво.“

Колку стануваат се поагресивни „подземните“ здружени активности на Атина и Бугарија против Македонија и нејзините обиди на достоинствен начин да ги отпочне своите преговори со ЕУ, ако е тоа воопшто можно, толку уште поагресивни и поинтензивни треба да станат и напорите на официјално Скопје во изнесувањето на македонските позиции и на македонската вистина низ Европа и светот.

Иако побуди песимизам завчерашната посета на данската министерка Мари Бјере во врска со (не)очекувањата на Македонија од претседавањето на нејзината земја со ЕУ, сепак, треба да се отворат сите семожни меѓународни дипломатски-политички канали за пласирањето и ширењето на македонските аргументи, во обид во претстојниве шест „дански месеци“ да се спушти „бугарската рампа“ на македонскиот евроинтегративен процес.

Првиот дел од анализата

Има ли нешто гнило во претседавањето на Данска со ЕУ?

Анализа: Зошто Данска ја советува Македонија „да го зграпчи евробугарскиот моментум“, додека „Бугарија станува дански приоритет“?! (1)