фото: Алкалоид
Македонскиот фармацевтски гигант Алкалоид очекува во 2017 година да ги зголеми приходите за 8 %.
Ова во интервју за регионалниот магазин „Вести од Југоисточна Европа“ го изјавил претседателот на компанијата Живко Мукаетов. Лани Алкалоид остварил приход од 135 милиони евра.
Фирмата планира до 2018 година да ја надмине границата од 150 милиони евра во приходи.
„Многу сум горд што имаме зголемување секоја година. Дури и во економската криза во 2008 година не почувствувавме голем удар затоа што сме многу добро организирани“, изјавил Мукаетов за магазинот.
Според Мукаетов прв приоритет на компанијата е да има подобро присуство во ЕУ затоа што тој пазар има голем потенцијал но во исто време не се заборава ниту поранешниот Советски Сојуз кој што има растечки потенцијал.
Алкалоид во првата половина од оваа година остварил 61 % од своите приходи во странство. Најголема продажба е остварена во Велика Британија и Унгарија а голем раст е забележан и во Русија и Романија. Најголем пазар сеуште останува Македонија со 39 % од вкупните приходи а во последните 10 години компанијата успеала со диверсификација на своето портфолио да биде присутна на 30 пазари.
Алкалоид е присутен и во САД и Германија со своите програми за чаеви и други производи но фармацевтските производи остануваат главен производ на компанијата.
Мукаетов во интервјуто вели дека Алкалоид е многу конкурентна компанија која што инвестира во широка лепеза на производи според стандардите на ЕУ а во исто време инвестира и во истражување и развој, за што во 2009 година се инвестирани 8 милиони евро во центар за истражување на генерички лекови.
Во моментов фирмата има три компании во Македонија како и 14 фирми – ќерки и 4 генерални претставништва во странство. Компанијата поседува лабараторија во Словенија за потребите на пенетрацијата на пазарите во Европската Унија.





