Ракометарите на Алкалоид се на прагот на полуфиналето на Европскиот куп по нерешениот резултат 31:31 во првиот четврфинален натпревар со Минаур Баја Маре во Романија.



Возвратната средба е на 30 март од 19 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје.

Резултатот од првиот меѓусебен дуел можеше да биде многу поинаков со оглед на водството на домаќинот од 21:16 во почетокот од второто полувреме, но и предноста на гостите од Македонија од 27:24 во завршницата од мечот, кој почна со минута молк за настраданите во Кочани, а ракометарите на Алкалоид носеа црни ленти на ракавите.

Десниот бек Мартин Серафимов и десното крило Александар Петковски со по 7 гола од 8 удари беа најефикасни кај „фармацевтите“, пред левиот бек Франсиско Оливеира со 5/8 и средниот бек Игор Ѓорѓиев со 4/6.

Севкупно подобриот од овој четвртфинален двобој во полуфиналето за противник ќе го има победникот меѓу грчки Олимпијакос и норвешки Рунар Сандефјорд, во кој Грците го добија првиот меч со 37:31 на свој терен.