Иако со, практично, загубени шанси за титулата, ракометарите на Алкалоид му дадоа жесток отпор на Вардар, ремизирајќи 26:26 во шестото коло од плејофот во Суперлигата, а освоениот еден бод ги остави „црвено-црните“ на врвот на табелата и во пол-позиција за враќање на шампионските почести по две години.



Двократниот освојувач на Лигата на шампионите четири кола до крајот има 13 бода, колку и првакот Еурофарм Пелистер, но вардарци имаат подобра гол-разлика и подобар меѓусебен скор во дуелите со битолчани, а и во последното коло ќе ги пречекаат во својата сала „Јане Сандански“.

Освојувачот на Купот на Македонија и финалист во Европскиот куп на ЕХФ ги имаше иницијативата и предноста во поголемиот дел од првото полувреме, но на одморот се замина со нерешени 12:12.

Во вториот дел, пак, Вардар стигна до максимална позитива од 19:15, но „фармацевтите“ се вратија во игра и имаа минимална предност до самиот финиш, кога гостите, сепак, преку Милан Лазаревски во последниот напад изборија реми.

Десниот бек Мартин Серафимов беше најефикасен во тимот од Автокоманда со 8 гола, пред Мартин Ивановски со 5, а кај ривалот се издвоија Вуко Борозан со 7 погодоци и Лазаревски со 6.