Со убедлива победа од 32:25 во возвратниот натпревар со Минаур Баја Маре во скопска Автокоманда, ракометарите на Алкалоид се пласираа во полуфиналето на Европскиот куп на ЕХФ, откако првиот меѓусебен дуел во Романија заврши нерешено 31:31.
Победникот беше најаван уште по првото полувреме, кое составот на Кирил Лазаров го доби со 18:12, па вториот дел беше само техничка реализација на значителната предност.
Десното крило Александар Петковски беше најефикасен играч во победничкиот тим со 7 гола од 10 удари, пред пикерот Марко Стојковиќ со 5/7, а средниот бек Игор Ѓорѓиев и левиот бек Франсиско Оливеира го завршија мечот со по 4/5.
Можни противници на освојувачот на Купот на Македонија во последната пречка до финалето се Рунар од Норвешка и Извиѓач од Босна и Херцеговина.
Реваншот меѓу Партизан и АЕК во Белград не се одигра, а првиот меч Грците го добија со 27:22 во Атина.






