„Ваквиот вид поделби во Белгија и Ирска се од минатиот век и сега не спојливи со времето. Тие модели не би ги решиле албанско-македонските проблеми, туку би ги заостриле односите меѓу Албанците и Македонците.’ – вели за ТВ 21 д-р Мурат Алиу, професор по политички науки во Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Овој негов коментар е во врска со замислената „поделба на Македонија на региони“, според „моделите на Белгија, или на Северна Ирска“, што го „анализираат и ќе го предложат меѓународни експерти и автори на Рамковниот договор, ангажирани од ДУИ.“, како што е најавено.
ТВ 21 пишува: „Идејата во принцип може да биде благородна и правилна, за да се заштити легитимитетот на албанскиот глас, нема никаква дискусија. Но тоа може да се постигне и со други начини и методи, без да има потреба да предизвикуваме судири, инциденти. Не сум сигурен дека треба да влегуваме во ваква опасност и во вакво заострување на односите, да се занимаваме со такви иницијативи сега кога Европа се наоѓа на прагот на една војна.’ – смета Алиу.“
„Според професорот Алиу, таквите модели содржат и опасност Албанците да се изолираат уште повеќе. Тој мисли дека ДУИ сега ја отвора оваа тема за да предизвика расправа, за да се најде потоа помалку болно решение. Алиу смета дека најдобро решение би било со закон да се уреди начинот на формирање на владата, односно тоа да се прави според принципот ‘победник со победник’.“
„За универзитетскиот професор Мерсел Билали овој модел е неопходен, бидејќи Македонија е мултиетничка држава со уставни и институционални сегменти и слаби фракции. Тој вели дека албанските политички партии не биле доволно ангажирани во економијата и оти тоа сега се одразува врз функционирањето на државата. ‘ДУИ сега се во опозиција и имаат легитимно право да го покренат ова како аспект на визијата како целосно да се врати функционалноста на системот, но потребен е поширок тим од експерти од различни области. Не е лесно да се формулира, уште повеќе кога имаме Устав, за кој ако седнат пет уставни експерти, ќе согледаат многу големи внатрешни хендикепи и големи противречности.’ – посочува Билали.“
„Инаку, моделот на државното уредување, според моделот на Белгија предвидува поделба на 3 региони, двата најголеми се поделени според јазиците, додека трет регион е главниот град Брисел. Ирска има две делумно самоуправни единици, Јужна и Северна. Северна Ирска има 6 окрузи, кои повеќе не се користат за потребите на локалната власт, бидејќи во 2015 година беа создадени единаесет области на Северна Ирска.“





