ДУИ се уште нема одлучено кој ќе биде кандидат за претседател но се лицитирало со повеќе имиња – откри Артан Груби. Според него, но и сите во ДУИ, Ахмети заслужувал да биде претседател, ама тој бил мисионер а не функционер.
„Немало состанок за определување кандидат за претседател на државата. Убедувањето (на Ахмети, н.з.) оди тешко. Го знаете неговиот став: ‘Јас сум мисионер и не сум функционер. Не сум во политичка партија ниту во политиката за да добијам функција, туку за мисијата да ми биде успешна’. И пред тој аргумент мора сите да се повлечеме. Но, ако прашате кој било член на ДУИ, кој било гласач на ДУИ, секако дека ќе се определи за Али Ахмети“, вели вицепремиерот Артан Груби.
Прашан дали министерот за надворешни работи Бујар Османи би можел да биде претседателски кандидат, Груби вели:
„Османи би можел да биде одличен канидидат. Тој не води кампања во дијаспората за кандидат зашто не е разговарано ниту одлучено во партијата. Но, ќе мора да се донесе одлука скоро зашто на 23 февруари почнува собирањето потписи, кое би требало да трае до 8 март. Кај и да е, неделава ќе дознаеме кој е кандидат на ДУИ што ќе биде победник во албанскиот блок со можност да помине и во вториот круг“, додава Груби.





