Албанските партии се за преименување на улиците во Струга – ВМРО ДПМНЕ го отфрла како „изборен флерт со граѓаните“

„Маркс Енгелс, ЈНА, 8-ми септември и други би можеле да заминат во историјата, ако струшките советници донесат одлука за промена на имињата на улиците во Струга, кои се уште носат називи од времето на комунизмот и поранешна Југославија. Иницијативата за промена на имињата, која дојде од советникот на Алијанса на Албанците, Асим Саитоски, помина во струшкиот совет со гласовите од партиите од албанскиот блок, но не и од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Саитоски вели дека новите имиња треба да го отсликуваат мултиетничкиот карактер на Струга. Очекува подршка од коалиционите партнери, меѓу кои и ВМРО ДПМНЕ.“ – објави ТВ Алсат. ТВ Алфа ја нагласува реакцијата на советниците од ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Струга. „Ваквите прашања, ако имаат за цел да ги унапредат меѓуетничките односи, треба да бидат јавно и стручно разработени и така да се расправа за нив на сите рамништа на заедницата. Сите досегашни иницијативи на оваа тема завршиле без епилог, бидејќи нивното поднесување било предизборна калкулација и непристоен флерт со гласачкото тело, а не искрена заложба да се најде општоприфатливо решение.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ. ТВ Алфа исто така посочува: Промената на имињата на улиците, плоштадите и мостовите во Струга, која ја бараат советниците од албанскиот блок партии, е идеја, што се обидуваат да ја протуркаат цели 2 децении. Вакви обиди имаше во неколку наврати почнувајќи од 2007-та, при што како предлози се спомнуваа имиња дури и на контроверзни личности. „Тоа е за дискутирање, контроверзни личности тоа зависи кој како гледа, секој си има свое мислење, свое видување на случувањата од минатото.Тоа е потреба на времето бидејќи го отсликува новиот систем, новиот поредок кој што државата веќе 35 години го доживува така да и градот има потреба за оваа нова реалност” -, вели Фармир Емуш од Беса. На седница на Совет именувањето на улиците ќе биде ставено како точка на дневен ред,а треба да се гласа според принципот на Бадентер.Советниците од СДСМ кои се позиција во советот уверуваат дека нема да ја гласаат ваквата одлука.

Во својата информација со наслов „Алијансата за Албанците бара промена на имињата на улиците во Струга“ ТВ Алсат уште наведува: „Водени од фактот што нашата општина е мултиетничка,а голем дел од улиците датираат од некои лоши времиња, сметаме дека задираат во чувствата на граѓаните на општина Струга. Допрва треба да разговараме со нашите коалициони партнери и мислиме дека ќе добиеме поддршка,затоа што немаме намера некој да биде отфрлен или некој да се осеќа навреден“, вели советникот на Алијанса на Албанците, Асим Саитоски Саитоски.

„Иницијативата се поднесува во изборна година и освен ситно политичко профитерство нема никаква друга ефективна вредност која би им го подобрила животот на стружани. Ваквите прашања, доколку имаат за цел да ги унапредат меѓуетничките релации, треба да бидат јавно и стручно елаборирани и дискутирани, на сите нивоа на заедницата“, велат од ВМРО ДПМНЕ-Струга.

Со иницијативата се предлага именување и на улици, кои се уште не се именувани. Од Беса велат дека новите имиња треба да го отсликаат новото време. „Треба да се отвори поширока дебата, помеѓу сите политички партии да бидеме сите тука инкорпорирани, за да најдеме решение кое ќе ја отсликува новата реалност за нашиот град“, вели Фатмир Емуш, советник од БЕСА.

Од ДУИ сметаат дека именувањето на улиците треба да се направи со грижа и почит кон културното и историското наследство на Струга, Советничката група на СДСМ е против било какво менување на имињата на улиците во Струга. Иницијативи за промена на имињата на улиците имаше и во минатото, но обидите беа безуспешни, поради неуспешноста на политичките партии да се усогласат, но и бидејќи имаше идеи на вметнување на контрадикторни личности од историјата. Сега се очекува на некоја од наредните седници на градскиот совет, точката за преименување на струшките улици, да биде поставена на дневен ред и за истата да се гласа по принципот на Бадентерово мнозинство. – објави ТВ Алсат.