Соле 24, компанија која првенствено на слободниот пазар во Македонија продава електрична енергија, е последниот снабдувач кога ЕСМ го одбра за купување на природен гас за двете топлани во Скопје.
Снабдувачот, кој инаку е во сопственост на бизнисмен од Албанија, ќе го замени досегашниот „Грејстон“ од Бугарија кој носеше природен гас за сите претходни месеци од тековната грејна сезона.
Соле 24, според резултатите од месечниот оглас за март, треба да обезбеди гас од 1.600 до 2.600 мегаватчасови по цена од 28,55 евра од мегаватчас. Цената е значително помала во однос на претходните месеци, кога таа достигнуваше над 50 евра.
Токму поради овие причини Регулаторната комисија за енергетика објави дека вонредно поевтинува парно греењето за 35 отсто за сите деловни корисници во Град Скопје, како и јавните институции, училиштата и градинките, најмногу поради големиот пад на цената на светските берзи.
Соле 24 се стекна со лиценца за трговија со природен гас во 2022, а на 29 јануари оваа година, по поднесено барање, РКЕ одобрила лиценца за снабдување, односно за набавка на природен гас „заради продажба на своите потрошувачи, вклучувајќи производители на електрична енергија и/или топлинска енергија, други снабдувачи, трговци, операторот на системот за пренос или дистрибуција на природен гас и други учесници на пазарот на природен гас“.
Ќерката на заменик-министерката за здравство Маја Манолева, Тина Манолева,како млад електротехнички инженер на крајот на јануари стана директор на Соле 24, новоетаблирана компанија за тргување со електрична енергија во Македонија, која истовремено редовно му продава големи количества струја и на ЕСМ.
Во последните година дена Соле 24 редовно се јавува на повиците на ЕСМ за набавка на електрична енергија кога производството не може да ги задоволи потребите, а тоа го прави често во последно време.
Извор: https://faktor.mk/albanski-biznismen-mu-prodava-gas-za-zagrevanje-na-esm






