Албанија денеска го отвора првиот т.н „кластер на преговори“ за пристапување во ЕУ. Во Луксембург ќе се одржи меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, на која ќе започне првата фаза од преговорите, откако Албанија во овој процес беше одвоена од Македонија на крајот на септември.
„Европската комисија очекува почеток на преговорите за проширување што е можно поскоро со Албанија, како и со * Македонија, откако ќе се исполнат барањата одобрени од Советот на ЕУ.“ – изјави портпаролот на Европската Комисија во септември по повод одлуката да ги раздвои двете балкански земји во преговарачкиот процес.
Во првата фаза од преговорите се вклучени поглавјата „Јавни набавки“, „Статистика“, „Судски систем и основни права“, „Правда, слобода и безбедност“ и „Финансиска контрола“.
„Се испраќа лоша порака кон македонските граѓани. Доста е од двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава во срцето на Балканот. Ова нема врска со европски вредности, само се изживуваат врз нас. Подготвени сме, сакаме да влеземе, да преговараме. Преговори значат јакнење на институции, збогатување на капацитети, не значи членство. Што е толку тешко да се прифати овој наш предлог за одложени уставни измени?“ – вака на 26 септември 2024 година ја искоментира премиерот на Македонија Христијан Мицкоски одлуката на Европската Унија за одвојувањето на патот на Албанија од Македонија кон пристапувањето кон ЕУ, кој ѝ посака на Албанија успех и брзо завршување на преговарачкиот процес со надеж, како што кажа, „можеби еден ден патиштата на двете земји повторно да се сретнат на патот кон полноправното членство во ЕУ“.
„Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. На сметка на националните и идентитетски отстапки, без гаранции, не треба да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија да продолжи да преговара – тогаш не, благодарам. Ние сакаме да разговараме, подготвени сме да разговараме колку што е потребно за да најдеме решение. Ајде ќе ја завршиме процедурата, имаме бројка од 80 пратеници, но тие амандмани да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Тоа го понудив во Брисел.“ – имаше нагласено тогаш македонскиот премиер Мицкоски.





