Нивото на водата во Охридското Езеро и натаму опаѓа, дури надминувајќи ја границата под дозволениот минимум. Според последните податоци, нивото на водата во езерото денеска е на котата 693,09 метри надморска височина, што е 20 сантиметри под просекот за овој период од годината.
Инаку, нивото на водата во езерото моментално е за еден сантиметар под дозволениот минимум утврден на котата 693,10 метри надморска височина. За неповолниот водостој секако придонесува и продолжениот сушен период без позначајни врнежи.

Наметнатите осцилации на езерото се опасни, проблем со кој се соочуваме долги години наназад. Никаде во светот природните езера не се користат за производство на електрична енергија – алармираат експертите, посочувајќи дека не се празни само Охридско и Песпанско, туку и вештачките езера како Мавровското.
- “Kај нас треба соодветно да се реагира и да се заштитат водните ресурси затоа што како што гледате ние имаме посебно за Охридското езеро голем интерес во однос на туризмот и не би смееле да дозволиме таква флуктуација во однос на водените ресурси на Охридското езеро“, вели професор Вангел Фуштиќ.
Не смее Охридско езеро од природен резерват да го претвораме во акумулационен базен, децидни се нашите соговорници. Од „Електрани на Македонија“ пак уверуваат дека ја одржуваат котата на просечно ниво.





