Според Лари Королов, член на Централниот комитет на т.н. Македонска патриотска организација (МПО) и претседател на нејзиниот разгранок во Канада, меѓу Македонија и Бугарија не треба да има никакви граници.
„До неодамна имаше проблеми при влезот на Бугарите на територијата на Република Македонија, беше забрането внесувањето литература, ја конфискуваа, ги задржуваа луѓето на границата. Но, во 21 век нештата треба да се променат. Не станува збор само за патиштата и за железничките линии, туку и за телекомуникациите. Меѓу двете земји не треба да има никакви граници. Зачувувањето на таквите граници е назадно и бескорисно“, изјави тој во интервју за информативната агенција БГНЕС.
„Во Република Македонија не треба да има никаков притисок врз оние граѓани што се самоопределуваат како Бугари. Веќе не сме во 19 век, туку во 21 век. Ако нема такви проблеми, образованите луѓе од двете држави ќе можат слободно да разменуваат идеи, да публикуваат авторски текстови во периодични изданија во двете држави, може да има заедничко одбележување празници како Илинден, годишнини на браќата Миладиновци, годишнини од раѓањето и од смртта на Гоце Делчев“, додаде Королов, кој потекнува од селото Дреновени од околината на Костур и по мајчина линија е роднина со војводите Лазар Поп Трајков и Никола Кузинчев.





