Расте политичката температура меѓу владата и опозицијата во врска со „македонското решение“ пред јули 2018 година, пишува атински „Катимерини“ според кој на површина излегуваат тешкотиите што треба да се надминат во Грција во насока на можен компромис со Скопје.
Од гледна точка на владата, изгледа се претпочита Ципрас да ги повика другите политички лидери, бидејќи помалиот владин партнер, Панос Каменос, АНЕЛ, се изјасни дека нема да прифати ниедно име што го содржи терминот „Македонија“.
Но, доколку за тоа нема клима на ниво на политички лидери, премиерот Алексис Ципрас ќе побара парламентарно мнозинство за да се одобри евентуалниот договор.
Со оглед на тоа дека „постои цврста линија од страна на главната опозиција да отфрли било кој договор за кој нема согласност во владиното мнозинство“ притисокот се пренесува на помалите партии, во овој случај ПАСОК и комунистичката ККЕ.
Политичката атмосфера се очекува дополнително да се вжештува „бидејќи патот е сѐ уште долг, нема официјални и, што е најважно, дефинитивни информации за можното име“.





