„Се зголемува национализмот кај Македонците-гласачи. Тоа се пројави и на овие избори. Олку големата разлика меѓу Гордана Силјановска и Стево Пендаровски расипа многу работи. Залетот на македонскиот национализам може да се спречи само со предизвикување политичко-институционална криза од страна на СДСМ, Европскиот фронт, од опозициската коалиција ‘Вреди’, преку бојкот на вториот круг од претседателските избори, за да не успее да се достигне потребниот цензус за излезноста на изборите!“ – вели Емин Аземи, новинар, писател и предавач по новинарство на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна под наслов „Зошто Албанците треба да го бојкотираат вториот круг на претседателските избори!“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Колумната на Аземи го отвора прашањето: ќе се дозволи ли со можен албански бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај, со помош и на СДСМ, да се „минира“ кристално чисто изразената политичка волја на убедливото мнозинство на македонскиот народ, не само на бирачите од ВМРО ДПМНЕ и нивната политичка коалиција, да биде избрана Гордана Силјановска-Давкова како нова претседателка на Република Македонија?! Инаку, во 2018 година Емин Аземи беше добитник на државната награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, според образложението, бидејќи „бил неуморен борец за развој на професионалното новинарство.“
Натаму, во колумната Аземи пишува: Бојкотот ќе ѝ отвори пат на политичката расправа за избор на претседател на државата во парламентот, каде што Албанците ќе имаат можност да станат политички чинител, насочувајќи го својот глас според својата политичка волја и кон целите, кон кои се стремат.
Според сегашниот однос на силите, Албанците не можат да го спречат триумфот на македонскиот национализам, но не можат да му помогнат ниту на Стево Пендаровски. Останува единствената опција за бојкот на изборите, за да се спречи изборот на Гордана Силјановска како претседател. Ако учествуваат на изборите со околу 200 илјади гласови, Албанците ќе ја зголемат излезноста и со тоа ќе и помогнат на Силјановска да победи!
Нема воопшто простор за клеветничко внатреаалбанско опозиционерство. Тој простор треба да се исполни со албанско национално будење и со спротивставување на македонските доктрини. На Албанците од Македонија им требаат две политички опции и координација за некои важни национални теми, бидејќи тие се уште не се државотворен народ во Македонија, за да не бидат нивните политики карикатурални продолженија на македонските десничарски и левичарски доктрини.
Со (не)технички премиер, до изборот на следниот претседател во Парламентот, и со консолидација и координација на двете политички опции, Албанците имаат можност да ја факторизираат моќта на своето политичко влијание, но учествувајќи во власта не како декор, туку како донесители на одлуки-истомисленици, кои ќе го унапредат државотворниот статус на Албанците во * Македонија. Секој друг пат ќе ги води Албанците кон колонијално решение на нивниот статус.
Билансот од првиот круг на претседателските избори покажа дека Албанците се на добар пат да го консолидираат своето политичко дејствување во рамките на две опции, под услов опозицијата во иднина да има само еден лидер, кој би бил избран врз основа на добиените гласови од изборите. Ако има албанската опозиција има многу лидери, тогаш ќе биде расфрлана, нема да претставува политички чинител, ниту ќе биде отпорна на македонските изборни мешања.





