Агатангел: Божиќната радост нека биде секогаш во љубената татковина Македонија! – Македонци, да го надминеме раздорот, што нè дели!

„Бог, Кој седи највисоко на небесата, денес се роди како обичен човек. Небесниот сјај го прегрна духот човечки, божествената светлина го просветли созданието, човекот се обдари со вистинско богопознание, а целото наше битие се соедини со Бога. Божиќната радост вечно нека престојува и во нашата љубена татковина Македонија, која е земја осенета од Апостолите, облагородена од Седмочислениците, бранета, ослободена и издигната од Илинденците. Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, што нè поделува и што нè уназадува.“ – истакнува Митрополитот Повардарски Агатангел во своето традиционално Божиќно послание во пресрет на Христовото раѓање – Божиќ, обраќајќи им се на православните верници.



Покрај другото, натаму Митрополитот Повардарски Агатангел порачува:

Драги сестри и браќа Македонци,

Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, што нè поделува и што нè уназадува. На овој свет и благословен ден ние, Македонците да се угледаме  на Новородениот Месија и да покажеме милост и љубов кон своите ближни, кон нашите сонародници, кон нашите соседи, кон секој човек кој е создаден по Образ и Подобие Божјо. Само на тој начин, издигнати во добродетелта и полиени со Божјата благодат, ќе имаме живот овде на земјата, а ќе станеме и чеда на небесниот Отец.

Пред нас како човештво стојат многу искушенија, неизвесности и предизвици. Се претворивме во општество каде што стана нормално и вообичаено покрај дворот на црквата да имаме казино, преку патот од училиштето – обложувалница, а на секој втор агол – заложна куќа со брзи кредити. Како генерација ни престои тешка борба за зачувување на нормалното, за спасување на себеси, за оздравување од наметнатите и напластени душевни и духовни болести.

Христос се роди, навистина се роди!