Се уште не се знае на кој начин ќе продолжи изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој се гради една деценија. Поранешниот премиер Димитар Ковачевски топката сега ја префрла дури на идниот состав на Собранието кој ќе требало да одлучи на кој начин ќе продолжи проектот – дали со истиот изведувач или на крај ќе се бира изведувач којшто има покажано дека може да направи пат.
-Тој договор бил донесен како закон во Собранието, така што таму треба да се одлучи“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека автопатот Кичево-Охрид е готов 80 проценти, имало некои косини, коишто, како што рече, уште тоа време пред 10 години не се предвидело дека на крај завршуваат во Албанија.
Изградбата на автопатот проби неколку рокови, и се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони. Последниот рок беше до 31 декември 2023 година, и Ковачевски цврсто ветуваше дека автопатот ќе биде готов. Три месеци по пробиениот рок се уште нема одлука дали кинески „Синохидро” ќе продолжи да го гради.






