Авдиу вели дека Пендаровски може да победи само со подршка од Албанците – ВМРО ДПМНЕ чека одговор за уцената на Груби

„Претседателската трка во Македонија се води меѓу двата кандидата од македонските партии, додека сегашниот претседател Пендаровски може да биде победник само со албанските гласови.“изјави влијателната обликувачка на јавното мислење од Приштина Зана Авдиу, која е и активистка за човековите права, особено на жените. Овој став таа го изнесе во емисијата „Пресинг“ на ТВ Клан Македонија, во која синоќа се расправаше за очекувањата на Албанците по претседателските избори на 24 април.



ТВ Клан Македонија ја цитира изјавата на Авдиу во овој контекст: „Професорката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО ДПМНЕ ќе биде прва во првиот круг на гласањето, но можеби Пендаровски ќе го добие мандатот во вториот круг на претседателските избори како победник со поддршката на Албанците. Според расположението, кое го гледам дека постои, Арбен Таравари ќе биде трет, а Бујар Османи ќе биде четврти.“

Инаку, на 13 април Артан Груби во интервју на ТВ Сител, запрашан на кого ДУИ би му ги дала гласовите во вториот круг од претседателските избори, ако отпадне нивниот кандидат Бујар Османи во првиот круг, одговори дека ќе бидат дадени тие гласови за онаа политичка партија, која ќе прифати да се избира претседателот на државата во иднина во Собранието.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не го прифатија условот на ДУИ да ги добијат гласовите за својот претседателски кандидат во вториот круг, како замена за тоа новиот избор на шефот на државата да се врши во Собранието според бадинтеровиот принцип. Од СДСМ изјавија дека претседателот се бира и ќе се бира на непосредни избори, а изборниот штаб на Пендаровски во писмено соопштение се произнесе дека не го прифаќа условот на ДУИ.

Но, останува отворено прашањето: со цел да се добие поддршката на ДУИ за вториот круг од гласањето, дали СДСМ и „нашиот претседател Стево“, сепак, ќе им клекнат на колена пред Ахмети и ДУИ повторно да се „испазарат“ преку договор со ДУИ овојпат и за претседателската функција? Како што направи СДСМ со ДУИ со договорот за именување на „првиот албански премиер“ макар и на една техничка, стодневна влада.

Експресно отфрлајќи го предлогот, поточно етничката уцена на Груби и ДУИ, ВМРО ДПМНЕ постави прашање, на кое не добива конкретен одговор веќе 6 дена: Пендаровски да каже дали го прифаќа условот на ДУИ за поддршка во вториот круг претседателот на државата да се бира во Собранието?

„СДС и Стево Пендаровски како слуга, поддржувач и човек, што му се восхитува на Али Ахмети, да кажат јасно дали е за нив прифатлив овој услов за поддршка во вториот круг: претседател на државата да се бира во Собранието, наместо директно од народот? Наместо да бега од одговори, очекуваме јасен став од Пендаровски, колку и тоа да е тешко за него. Македонија со Пендаровски, СДС и уценувачите од ДУИ тапка во место, а во голем број области назадува. Потребно е народот да си ја врати државата. Промените се во рацете на граѓаните. Македонија повторно горда.“ – порача ВМРО ДПМНЕ во својата реакција од пред една недела.

.