Палестинскиот претседател го повика денеска Советот за безбедност на ОН да свика меѓународна конференција чиј резултат ќе биде признавање на Палестинската држава во границите пред војната во 1967 година.
„Апелираме за свикување на меѓународна мировна конференција до средината на 2018 година, врз основа на меѓународното право и релевантните резолуции на ОН“, изјави Махмуд Абас на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток.
Тој, исто така, ги повика државите кои се уште не ја признале државата Палестина да го сторат тоа, истакнувајќи дека тоа веќе го направиле 138 од 193 земји-членки на светската организација.
Абас проценува дека признавањето на палестинската држава ќе ги зајакне шансите за успех во мировните преговори.
Палестинскиот лидер смета дека администрација на САД, донесе „нелегална одлука, која беше отфрлена од страна на меѓународната заедница“, кога одлучи да го признае Ерусалим за главен град на Израел, и со тоа го „отстрани Ерусалим од дневен ред“ во можните идни преговори.
Абас уште рече дека „Израел дејствува како држава над законот“ и дека Владата на Израел предизвика уништување на сите претходни обиди да се постигне мир.




