„Се надевам дека ‘црната листа’ ќе биде надополнета со сите оние македонски Мерковци, кои ги знаеме, но за кои не зборуваме јавно. Сите тие македонски Мерковци се од различни партии и средини, сите заедно со години работат против народот, за лично богатење.“– вели Елида Зулбеари, главната уредничка на информативниот портал на албански јазик „Порталб“, во својот коментар со наслов „Сите Мерковци на Македонија“.
Зулбеари пишува: Ретки се оние, кои влегуваат во политиката со намера да ја подобрат состојбата на народот, да прават добро. Малкумина се, ретки се овие што работат и кои прават добро, но другите, кои имаат поинакви намери кога ќе видат дека некој работи веднаш го напаѓаат и го отстрануваат од одлучувањето. Затоа ова општество не напредува…
Не ме чуди фактот што Америка го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како непожелна личност. Тој е непожелен подолго време кај стружаните. Жалам што неговите постапки ги изнесе на виделина нашиот стратегиски партнер, кој е далеку од нашата земја, а не оние кои имаат должност да ја работат оваа работа.
Градоначалникот на Струга Мерко се уште молчи. Но каде остана обврската за оставка, она што најмалку што може тој да направи сега? Особено откако матичната партија го исклучи од своите редови? Откако победи на изборите онака како што победи, имаше поддршка од партијата и беше претседател на огранокот на ДУИ во Струга. Но, сега кога ДУИ беше принудена да се откаже од него, чиј претседател е? Дали сте ја виделе Струга во каква состојба е? Што направи Мерко за овој град, благословен да има езеро? Состојбата во Струга е уште потрагична, отколку што е низ селата.
ДУИ го научи зборот „ветинг“ и сега е им излегува од уста на претставниците на оваа партија. Секогаш кога ќе се открие каква било злоупотреба во државата, партијата веднаш го користи овој волшебен збор, демек ќе ги „чисти“ партиските структури од корумпираните кадри. Но, не видовме ништо од ветинг! Дали е некој исклучен од партијата, поради овие причини?
Америка сакаше да му каже на Али Ахмети, лидерот на оваа партија дека Рамиз Мерко – еден од луѓето, што води важна општина, е вмешан во криминал и корупција. И со полна уста повикуваат сите, кои се на позиции за донесување одлуки, да бидат подложени на истраги од истражните органи. Кои органи?! Оние што со децении се полнат со партиски луѓе? Обвинителството, судовите и истражителите не можат да земат здив од крајната партизација и тие ли ќе истражуваат некој сопартиец?! Да не беше трагично ќе беше смешно.
Забележлива е апатија: реакциите во јавното мислење се стандардни со години, никој не се изненадува, сите велат дека не им е грижа за овие политичари, сите тогаш гласаат и слични политичари остануваат на чело. Круг што се повторува, маѓепсан круг. Способните избегаа, оние што останаа се обидуваат да преживеат. Не сум сигурна дали критичкиот дух е постепено потиснат во ова општество или никогаш не сме го имале? Ваквата општествена апатија е создадена од овие политичари и функционери, за да ја задржат власта. Демотивирањето на неопределениот гласач и протерувањето на младите е можеби криминал со предумисла од страна на политичарите, за да останат на функцијата, на власта.





