Проблемот со Заев, но, генерално, и со секој политичар кај нас, е што нема чувство кога е доста, кога треба да се повлече. Самосвесен и самокритичен политичар, и, пред сѐ, демократ по убедување, треба да отстапи тогаш кога популарноста и моќта му се на врвот, бидејќи по климаксот следува пад и нема враќање назад. Опиен од власта и од моќта, стануваш потрошена „роба“ за политиката и штета за државата. Заев го достигна својот максимум со Договорот со Грција и потоа требаше да се пензионира. Ако самиот не беше свесен за тоа, партијата требаше да има потентност тоа да го направи, не на овој, туку на претходниот конгрес.



Ако е за утеха, менталната состојба на немање чувство кога е доста е присутна и во други општествени сфери – секаде кадешто луѓето се суетни и не можат да се помират со фактот дека нивното време поминало. Роџер Федерер е најдобриот лош пример за тоа како упорно се форсира себе си, не сакајќи да прифати дека неговото време поминало и дека се дојдени помлади и подобри од него. Затоа и ќе претставува боксерска вреќа за удирање во иднина. Нарцисоидноста е дијагноза во психијатријата која треба да се лекува.

Од друга страна, атлетичарот Јусеин Болт е добар пример како прави несуетен човек: во моментот кога освои сѐ што можеше да освои (Олимписки игри, светски првенства, светски рекорди на атлетски митинзи) се повлече. Едноставно, им порача на помладите: ви оставам домашна задача, повелете надминете ме.

Тоа е она што Заев требаше да го иновира во македонската политика за навек да остане запомнет по добро. Сега, сѐ е само мрцварење и за него и за нас, а и непријатна ситуација за колумнисти-платеници да бранат и правдаат нешто што не се брани и не се правда.

Следната фаза на неговата суетност ќе биде инаетот и каприциозноста, која ќе се појави по локалните извбори, кога катастрофално ќе биде поразен во поголемите урбани центри. Тогаш ќе почне со инает да се однесува кон опозицијата по принципот „иако сум поразен, моќта и институциите се во мои раце“. Сѐ она што нему му го правеше Груевски додека беше градоначалник на Струмица, тој ќе му го прави на идниот градоначалник на Скопје. Владеењето до конечниот пад ќе му се претвори во шибицарско правење опструкции и финална (само)деструкција на она малку што му остана од угледот со кој дојде на власт во 2017 година.

Пред нас е уште една, веќе видена и здодевна до баналност реприза на македонскиот политички хабитус која ја гледаме цели 30 години.