Зошто пресудите на Европскиот суд за човекови права и слободи не важат за Бугарија, прашува професорката Гордана Силјановска Давкова која сега е народен претставник во Собранието од редовите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска забележува дека не само Бугарија туку и целата ЕУ толерира неспроведување на 16 судски пресуди на Судот за човекови права кои се однесуваат на Македонците.
,,Во членот 6 став (2) на Договорот за ЕУ пишува: „ ЕУ пристапува кон Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. “
Алинеја 6 на Повелбата на ЕУ за фундаментални права вели: „ЕУ ќе ја почитува судската пракса на Европскиот суд за човекови права“.
Дали ЕУ навистина ги почитува пресудите на Судот во Стразбур? Дали Бугарија е членка на ЕУ? Дали за неа важат пресудите од Стразбур? Што стана со пресудите во полза на македонското малцинство во Бугарија, или тоа исчезна, се асимилира, или целосно се негира, иако броеше над 178 000 на пописот во 1956 и оној од 1946 ? За(ради) кого беа сменети имињата на некои места и градови, отворени училишта, библиотеки и театри? Кому и зошто Бугарија гарантираше автономија во Пиринска Македонија, ако не на Македонците?
Не е ли уставно-правен нихилизам ние да посегаме по нови, октроирани уставни измени заради внесување на Бугарите во преамбулата, а Македонците да „ ги снема“ во Бугарија ? Кој покрена постапка, кој пресуди во Стразбур, кој го доби, а кој го изгуби спорот? Каков е тој суд чии пресуди не важат за некои членки на Советот на Европа и некои членки на ЕУ? Зарем неговата работа не треба да добие значење како она на Европскиот суд на правдата во Луксембург?
Помните ли што побаравме ние од Бугарија? Да исполни барем неколку стразбуршки пресуди, наместо ниту една и да покаже дека ја признава јурисдикцијата на Стразбур”, смета Силјановска.
Почитување на телата на Советот на Европа е еден од фундаменталните услови за членките на ЕУ но кога станува збор за Бугарија ова правило не важи.
Поради непочитување на одлуките на Судот во Стразбур постои опасност Турција да биде исклучена од Советот на Европа и со тоа да не може никогаш да стане членка на ЕУ.
Кога е во прашање Бугарија никој во ЕУ не ја притиска Софија да ги почитува органите на Советот на Европа што е предуслов за членство во ЕУ.





