Зошто во Македонија и натаму цвета корупцијата?! Надлежните признаваат дека институциите го преспале периодов

Разочарувачки се резултатите во борбата против корупцијата во Македонија, алармира Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во државава, Дејвид Гир. Главните причини за високото ниво на корупција биле негативното политичко влијание и нефункционалниот правосуден систем, како и отсуството на интегритет. Оцени и дека темпото на спроведување на реформата во делот на човечките ресурси во судовите, обвинителствата е премногу бавно и ја истакна потребата од независни судии и јавни обвинители кои ќе дејствуваат без притисоци.



Гир порача дека борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото е во центарот на процесот на проширување на Унијата, а задача на власта, на државните институции, владата и парламентот е да бидат пример во тој поглед. Сепак, ЕУ има многу забелешки.

  • Иако гледаме некаков напредок во реформите врзани со владеењето на правото, борбата орстанува разочарувачка. Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега премалку е постигнато. Нивото на имплементација е недоволно, изјави евроамбасадорот Гир.

И додека евроамбасадорот алармира дека состојбата во Македонија не чини, само 10% од планираните активности од Акцискиот план од Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси се реализирани, а причина за тоа била слабата посветеност на институциите, признава вицепремиерката задолжена за добро владеење.

Грковска порача и дека е потребно будење на институциите со цел да дадат свој придонес за поефективна борба. Лошата состојба во земјава се должи на слабата посветеност на институциите, честите смени на министрите, политичките влијанија при вработувањето со што резултатот е непрофесионална администрација. Па така, според резултатите од последниот Извештај за спречување корупција и судир на интереси, во Македонија и натаму царува непотизам и институционална и индивидуална неказнивост.