Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски на прес конференција објасни зошто опозицијата организирала “герила” акција за време на годишното обраќање на претседателот Пендаровски.
Николовски вели дека ваквото однесување е поради тоа што Пендаровски е првиот што кажа дека Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги урна македонските национални позиции, историчарите ги спречи да работат на научните аспекти на проблемот и внесе политика во историјата со што ги поткопа темелите на македонската самобитност.
“Молчеше за изјавите на Заев дека Бугарија била ослободител во втората светска војна, дека не била окупатор туку администрација. Не се консултираше со партиите за стратешки работи како покана за членство ЕЕЗ”, изјави Николовски.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Пендаровски е нелегитимен претседател затоа што без докази за мнозинство го даде мандатот на Заев кој сам кажа дека нема обезбедено доволен број пратеници за формирање влада.
За опозицијата Пендаровски е нелегитимен претседател и поради сведоштвото на поглавар на ИВЗ кој тврди дека е избран со гласови на верници во трговија за која требало да се врати друга услуга.
ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со шефот на фждржавата затоа што, вели Николовски, тој му сврте грб на народот а ВМРО-ДПМНЕ му сврте грб нему.





