Зошто Владата наместо да му помогне, му одмага на работникот?!

Многу ветуваа, малку направија. Во изминатите пет години актуелната власт речиси и ништо да не направи за работниците, освен ветувањата дека ќе биде подобро. Ова е ставот на најголемите синдикати во Македонија кои се борат за правата на работникот, а тој како по обичај – оставен е сам на себе. Иако ја зголемија минималната плата од 15 на 18.000 денари, инфлацијата го изеде покачувањето. Затоа бараа и усогласување на другите плати, за работниците побезболно да го пребродат овој тежок период. Тоа не го добија, и сега ја тужат државата во меѓународните судови. Од Сојузот на Синдикати за Алфа велат дека повеќе не веруваат на владините уверувања, зашто се што ветиле – излажале.



Првиот човек на ССМ, Дарко Димовски рече дека поради кризата, добар дел работниците се праќаат на принуден одмор, и за жал им се намалуваат плати. Од ССМ реагираа и дека иако воведоа недела да биде неработен ден, истиот не се почитува кај добар ден од работниците.

И од Конфедерацијата на слободни синдикати реагираат дека власта го преспала периодов. Првиот човек на КСС, Благоја Ралповски рече дека власта ветуваше зголемување и усогласување на платите на работниците во јавниот сектор, а иако законска обврска, не го исполнија ветеното.

И од Конфедерацијата на слободни синдикати алармираат дека освен кавги и препукување на адреса Синдикат – Влада, ништо не добиле во полза на работниците.

За разлика од сите синдикати кои беа пуштени по вода во време на криза и галопирачка инфласија, светла точка во тунелот се виде кај проветните работници, кои се изборија да добијат 15% покачување. Првиот човек на СОНК Јаким Неделков рече дека задоволен, но и дека имало еден куп пропусти кај нив. Вели дека сега власта сака да удри и по колективните договори.

И додека работниците си ги бараат своите права, односно усогласување на платите согласно зголемениот минималец, Владата скрои таканаречен план за штедење кој го крена револтот на сите синдикати. Тоа е кратење на нивните плати. Во сите прилики Премиерот и економските министри уверуваа дека нема да им се кратела платата на работниците, туку ќе се интервенирало само кај дел од надоместоците во износ од 10% од она што било планирано за 2023.

Оваа точка беше усвоена на владина седница, по што Премиерот во неколку наврати имаше разни изјави за тоа како да се штеди во јавната администрација. Според Димитар Ковачевски ова мерка била за намалување на трошоци и зголемување на приходи и тврдеше дека никој немало да остане без работа.

Синдикатите веќе го кажаа својот став дека нема да дозволат било какво кратење на основните плати, ниту на додатоци ниту надоместоци, а ако тоа се случи – сите заедно ќе излезат на улица. Владата, како по обичај, останува глува на револтот на синдикатите.