На само три недели до Новата година, македонската метропола сè уште не е украсена. Без празнична еуфорија, на Скопје му се случува истата песна како лани, кога се чекаше 5 до 12, за колку толку да се „украде“ по некоја насмевка, пренесува Алфа. На Централниот плоштад владее сивило. Божиќен базар нема, а улиците во центарот на градот зјаат празни, без елка, светилки и новогодишни украси.

И додека Градот и натаму зјае без украси и позитивна енергија, никој не знае ни кога ќе биде накитена и големата елка на централниот Плоштад. Граѓаните сакаат градот да биде украсен и накитен, по теркот на соседите, за колку толку да се почувствува дека ја оставаме годината зад нас.

За украсувањето од буџетот градските власти планираат да потрошат 1,8 милиони денари. Засега нема информации која фирма ќе се погрижи метрополата да светне во новогодишно руво, не откриваат ниту кој ќе ги забавува граѓаните за новогодишната ноќ.

Во регионот веќе се чувствува празничната атмосфера. Амстердам, Лондон, Рим, Париз, Барселона – се само дел од градовите каде владее вистинска новогодишна магија. Украси и сијалички блескаат на сите страни. Дури и Киев светна во новогодишен сјај покрај двегодишната војна.





