Зошто скопјани да се греат со скапо гориво кое најмногу загадува?!

Топланите Исток и Запад во Скопје од 15 ноември ќе се тестираат на дизел гориво – поскапата и нееколошка варијанта за загревање на домовите на скопјани приклучени на системот на парно греење. Надлежните институции и натаму молчат за тоа дали ќе се користат државните резерви на дизел горивото и зошто не се набавува природниот гас чија цена е во пад и е многу поевтино од греењето на дизел. Според генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, тест периодот ќе трае 10 дена.



ЕСМ набави природен гас за топланите Исток и Запад до 15 ноември. Ковачевски вели дека ова се прави во случај да го нема природниот гас или да има екстремно висока цена.

„Ќе го пробаме системот да видиме дали може да работи и со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут кој е еколошки многу понеподобен. Тоа го правиме за да бидеме сигурни дека во целост ќе можеме да ги задоволиме потребите со топлинска енергија во подоцниот период на грејната сезона или во наредните сезони и доколку има проблеми со набавка на природен гас”, изјави Ковачевски.

Надлежните институции и натаму одбиваат да обезбедат природен гас за подолг период на кој ќе работат топланите Исток и Запад. Цената на светските берзи на дизелот постојано расте, а на гасот засега паѓа.
Зголемувањето на цената на дизелот се должи на недостигот од овој енергенс во ЕУ и САД, што поттикнува зголемена побарувачка и дополнителен пораст на цената. Очекувањата на експертите во светски рамки се дека цената на дизелот и понатаму ќе се зголемува, особено поради рекордно ниските резерви на овој енергенс во САД кои не се забележани уште од 2008 година.

За разлика од цената на дизелот, актуелните цени на светските пазари на гасот се стабилни и не бележат неконтролиран раст, што е потврда дека гасот е најисплатливо и најеколошко решение за топланите во земјава. Експертите одамна предупредуваат дека дизелот е едно од горивата кое најмногу ја загадува животната средина, а неговата зголемена употреба дополнително ќе ја влоши катастрофалната ситуација со загадувањето на Скопје во зимските месеци.

Останува отворено прашањето зошто ова се прави. Не е белким заради интересите на поединците во тендерските постапки за подоцнежно пополнување на државните резерви.