Екс лидерот и екс пратеник на Либералната партија Ивон Величковски со анализа на состојбите во Македонија по Ерменскиот скандал и трагедијата во Тетово:
Зошто Заев веќе требаше да поднесе оставка и зошто барањето оставки не е обична опозициска сувопарност
Тетовската трагедија и „Ерменската афера“ се фокусни точки во кои премиерот Заев е заеднички содржател по „командна“ одговорност и се надвор од локалните избори.
14 жртви во Ковид-болницата во Тетово не е дневен биланс на починати од вирусот туку 14 човечки животи згаснати во пожар во јавна здравствена установа со контролиран и определен влез, движење и престој.
Не во сообраќајка или како последица на повреди или заболување, туку во пожар во простор под надлежност на Тетовската болница и Министерството за здравство.
Затоа оставката на економскиот директор на болницата не е доволна. Потребна е итна оставка на Министерот за здравство Венко Филипче, оти тој не е само министер за изразување сочувство, потпишување дозволи за „медицинска“ марихуана и Ковид-статистика. Пациенти во пожар му загинале додека добивале услуги во простории организирани од Министерството што го раководи.
Оставката е неопходна токму за да обезбеди истрага непречена од него како политички засегнат. За да се открие како се случил настанот и дали се почитувани сите стандарди и постапки при градењето, примо-предавањето и користењето на изгорениот објект.
Уште повеќе што на пожарот му претходеше сечење на кислородниот довод една недела пред трагедијата и за овој инцидент медиумите објавија. Ова е доволна причина да се очекува истрагата да покаже дали станува збор за несреќа или за саботажа. Во случај на второто, од еднакво значење ќе биде мотивите и инспираторите да бидат откриени и санкционирани.
Дека опсегот на сомнежите е поголем од засега прикажаното зборува фактот што истрагата ќе биде меѓународна. По чие барање и да доаѓа, основна констатација е дека на домашните истражни органи не (може да) им се верува.
Ако барањето е од Владата и иницијативата за тоа доаѓа од СДСМ, тоа значи дека Заев и неговите се свесни за овој факт. Ако иницијативата за барањето доаѓа од ДУИ, тоа значи дека недовербата кон истрагата и кон другите политички субјекти (во или вон владејачката коалиција) е поголема од класичната политичка претпазливост.
А ако истрагата е побарана од странски (сојузнички) фактор па прифатена од Владата, тоа значи дека постои сомнеж дека во Македонија има безбедносен проблем што веќе однел 14 животи и се активирал сојузничкиот безбедносен механизам пред да има поголема ескалација.
Тогаш, практично, Тетовската трагедија и „Ерменската афера“ се дел од една фасцикла, во која секој лист покажува дека
Или Северна Македонија има безбедносен проблем или Македонија е северно-атлански безбедносен проблем
Тоа што дипломати ни апсат како џепчии по Врање е прва индикација. Тоа што нивното апсење е дел од мега-скандал на тргување со северномакедонски (дипло)пасоши и црни пари е втора. Прикривањето на аферата во Скопје и осврнувањето на неа само од аспект на изборите е трета индикација.
Тоа што Заев проба да каже дека не ни знае што е Ерменија, а Димитров и Спасовски (СДСМ) авансно се чистеа од врска со уапсените коишто како Влада ги упатувале на мисии и на кои дипло-пасоши им се издадени со години е четврта индикација. Тоа што за аферата Владата не одржа ни консултации, а не пак вонредна седница е петта.
Тоа што единствените последични активности за почеток на дипло-ветинг (попрецизно: дипло-лустрација) ги спроведува Османи (ДУИ) е шеста (засега единствено охрабрувачка) индикација. Тоа што Димовски (АНБ) и Муслиу (АР) по прашањето ги нема никаде е седма.
Тоа што Пендаровски не свика Совет за национална безбедност каде ќе ги седне сите (наведени и останати) државни функционери и „релевантни политички лидери“ на едно место – за да се иницира координирана проверка на тоа какви се проблематични цивилни и дипломатски пасоши и од кого се издадени од нашите власти и пред и по 2016 и каква закана е тоа за нас и сојузниците е осма индикација. Тоа што „Ерменската афера“ опозицијата ја третира странично, а не како топ-тема е деветта.
А сите тие создаваат една целина: дека северномакедонскиот безбедносен и дипломатски систем е корумпиран со децении и е одамна отворена конзерва зафрлена во политичката кујна, па сега шири реа и собира бубашваби.
За да се овозможи локалните избори да останат локални и особено за институциите да ги спроведат и потребните истраги и санкции и да ги санираат и безбедносниот и дипломатскиот и здравствениот систем, оставката на Заев останува неопходна.
По линија на командна одговорност и логика дека тој не е неинформиран дворски шут туку премиер.
Ослободувачкиот ефект и по неговата и по останатите партии опфатени во „Ерменската афера“ и лиферувањето дипломатски пасоши во и/или пред неговите мандати исто така ќе биде огромен.
Колку тоа и да предизвика пад на неговата Влада и предвремени избори пред или по санациона влада со изразена северно-атланска асистенција во засегнатите сектори. И во сите оние подзаборавени од Извештајот на Прибе.
Затоа ова резиме на состојба и потребни чекори не се заснова на изборно-политичка калкулација, туку е предупредување втемелено на државнички пристап.
Молкот на амбасадите беше особено индикативен последниве три недели. Сега е јасно: Времето на “No news is good news” во Македонија заврши.





