„Ако при постигнувањето на договорот главната максима водилка и главниот принцип беа содржани во реченицата: „Не гледајте во минатото, гледајте во иднината“, прашање е зошто сега од бугарска страна зовриваат националистичките страсти и кому му треба отворената закана дека ако Македонија не прифати сѐ што бараат Бугарите за историјата ќе нема поддршка за влез во ЕУ’, прашува новинарот Панде Колемишевски во колумна за „Нова Макдонија.
„Изјавите на министрите навестуваат дека бугарската влада не само што ќе ја условува, туку безобѕирно ќе ја уценува Северна Македонија до последниот ден, до последната капка крв, фигуративно речено. Тие изјавуваат дека нема да прават компромис со вистината, заборавајќи дека секоја вистина има две страни, две лица, дека еден настан, една приказна има и десетина верзии.
Што прават македонската влада, нашите задолжени министри, панданите на Захариева и на Каракачанов, што прават нашите „видни“ интелектуалци, аналитичари и политичари?
Не прават ништо, зашто нивните погледи се вперени во иднината, колку и да е далечна и нејасна самата таа. Како реагираат партиите? Никако! Заинтересирани само за власт, се има чувство како да им е забрането, како да се плашат да ги бранат македонските интереси, се чуваат да не навредат некој странски или домашен фактор, некој наметлив амбасадор. Што прават македонските медиуми, како реагираат на ваквите реакции?
Премолчуваат, прескокнуваат, ублажуваат, далеку се македонските национални интереси од нивните лукративни интереси“, пишува Колемишевски.





