Зошто МВР во својот билтен не го објавува инцидентот во кој министерот Филипче неуспешно реанимирал граѓанин?

Во официјалниот билтен на МВР кој ги покрива вчерашниот и завчерашниот ден воопшто не се споменува инцидентот во Охрид во кој според дел од медиумите министерот Филипче неуспешно реанимирал граѓанин.



Во билтенот објавен денеска нема ниту збор за инцидент во кој почина човек а во кој наводно бил инволвиран министерот Филипче но во него има повеќе вести, вкупно 9, кои опишуваат инциденти со измами, сообраќајни прекршоци, брзо возење или телесни повреди.

Зошто МВР во својот билтен не објавува информација за инцидентот со смртни последици во Охрид е енигма за која засега во јавноста нема соодветно објаснување.

Во продолжение сите инциденти кои се содржани во билтенот на МВР каде го нема случајот во кој пациент починал откако неуспешно му била дадена прва помош.

https://mvr.gov.mk/izvadok-od-dnevni-nastani/2327

На 15.08.2021 во 11.40 часот на автопат Куманово-Граничен премин „Табановце“, во близина на обиколница Табановце, полициски службеници од Полициската станица Сопот го лишиле од слобода М.М.(31) од Скопје. При преглед во возилото „фолксваген пасат“, со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, превезувал едно лице – мигрант од Сомалија. При дополнителни проверки било констатирано дека М.М. се бара по наредба за сторено кривично дело „измама“, казниво по член 247 став 3 во врска со став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Куманово и против него е поднесена кривична пријава по член 418-б ст.2 од Кривичниот законик, за „криумчарење на мигранти“. Лицето-мигрант е сместено во Транзитниот центар Табановце за понатамошна постапка.

На 15.08.2021 година во периодот од 10.00 до 20.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово – ОВР Гостивар извршиле контрола на лица на кои им било издадено решение за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Притоа, било констатирано дека Ш.Д.(48) од гостиварски Сенокос, Х.А.(25) и Л.Ј.(33), двајцата од Дебреше не се придржувале на решенијата, односно ја напиштиле државата. По целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по член 206 од Кривичниот законик.

На 15.08.2021 во 11.10 часот на магистралниот пат Ресен-Охрид, во близина на с.Опеница, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „форд мондео“, со охридски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(60) од с.Косел, охридско и мотоцикл „априлиа“, со прилепски регистарски ознаки, управуван од Г.Б.(25) од с.Мало Коњари, прилепско. Во незгодата Г.Б. се здобил со тешки телесни повреди, а неговата сопатничка Т.Т.(24) од Прилеп се здобила со телесни повреди, констатирани во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“- Охрид. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Охрид.

На 15.08.2021 во рамки на зајакнатата акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 340 возачи. Од нив, 29 возилa се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 165 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 175 надвор од населено место.

На 15.08.2021 во 23.00 часот на регионалниот пат Гостивар-с.Вруток се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „опел агива“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.Ф.(82) од БиХ, патничко возило „опел зафира“, со германски национални ознаки, управувано од А.С.(49) од с.Боговиње, тетовско и мотоцикл „кавасаки З-900“, управуван од Н.Т.(33) од Скопје. По незгодата, Н.Т. бил пренесен во Медицински центар-Гостивар, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Тетово.

На 16.08.2021 во 02.10 часот во Градски парк во Скопје, од полициски службеници од СВР Скопје бил приведен Р.Л.В.(19) од Швајцарија, поради нарушување на јавниот ред и мир. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Карпош за понатамошна постапка.

На 15.08.2021 во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, на територијата на град Скопје изречени се вкупно 201 меркa, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 99 санкции, 53 за возење под дејство на алкохол, 23 за возење без возачка дозвола, осум за нерегистрирани возила.

На 15.08.2021 околу 19.20 часот на регионалниот пат на влез од с.Баница, струмичко, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „форд“, со струмички регистарски ознаки, управувано од З.С.(39) од с.Баница и велосипед, управуван од малолетник од истото село. По незгодата малолетникот бил пренесен во Медицински центар Струмица, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Струмица.

Во текот на изминатото деноноќие (15.08./16.08.2021) на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 20 прекршоци.