Зошто македонскиот енергетски систем „трокира“?

Македонскиот енергетски систем веќе подолг период работи по принципот падни-стани. Затворени термоцентрали, полупразни акумулации, неремонтирани клучни капацитети – ова е сликата во изминатиот период, во кој капак на сѐ е состојбата со РЕК Битола, која со доста прекини и проблеми работи со половични капацитети. Во вакви услови веќе извесен период доминира состојбата – повеќе увоз, помалку производство.



Помалку се произведува, повеќе се купува

Како тоа изгледа, покажуват бројките, односно сумите. За дваесетина дена, увезена е струја во износ од околу 18 милиони евра. Сето ова се случува во период кога цената на струјата бележи намалување на меѓународните пазари. Она што сепак загрижува е што домашното производство е драстично намалено. Експертите се загрижени и критикуваат дека ваквите состојби се лош сигнал во пресрет на зимската сезона:

„Македонија, според мое мислење, е далеку од подготвена за претстојната зима. Од една страна, гледаме зголемувања за домаќинствата кои се еден вид ‘субвенционирани’ бидејќи не содејствуваат со реалните поскапувања, меѓутоа на крај сите овие пари ќе бидат издвоени од буџетот. Од друга страна, тука се компаниите и општините кои имаат неверојатно поскапување и енормно високи сметки што може да доведе и до затворање на одредени компании. Добро е што за прехранбените дејности има фиксна цена за набавка на струјата преку ЕСМ, но дилемата е дали е тоа и доволно? Сите знаеме дека производството е намалено, така што можеше уште поодамна да се набават барем мал дел на количини на електрична енергија за претстојниот период. Цената на унгарската берза е 350 евра, а неколку месеци овие цени беа за стотина евра пониски“, изјави за Дојче веле, Сања Божиновска, експерт за енергетски прашања.

Запоставени капацитети

Од клучните, или т.н. базни енергетски капацитети, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино не работат, односно целосно се исклучени. За првиот, најавите се дека ќе биде вратен во употреба на почетокот на наредниот месец. ТЕЦ Неготино пак, кој работи на мазут, засега не се вклучува во погон, бидејќи има дефект во делот на трансформаторот.

Надлежните тврдат дека причина за застојот е и цената на мазутот која периодов е висока и би го направила производството неисплатливо. Од пред два дена повторно во функција се два од трите блока во РЕК Битола и толку. Експертската јавност предупредува дека ова е последица на подолг период на запоставеност на клучните енергетски капацитети. Цехот е скап и ако не се реагира соодветно би бил уште поскап:

„Енергетиката се планира долгорочно, но за жал кај нас нема никакви инвестиции веќе подолг временски период. За поздравување е изградбата на соларни фотоволтаици, меѓутоа сето ова е малку. Она што ѝ е потребно на Македонија е базична енергија. Добро е долгорочно да има извори од обновлива енергија, но мора да се има предвид дека тоа не е постојана енергија. Затоа нема збор дека мора да имаме базна енергија. Веќе две недели на вакви температури и непочната зима потрошени се многу пари за набавка на електрична енергија, а зимата сѐ уште не почнала. Би било добро да знаеме како и на кој начин се одвива целокупната процедура на набавката на оваа енергија“, укажува Божиновска.
Линк до целата анализа.