Зошто Македонија нема стратегија за привлекување на странски капитал?!

Зошто Македонија нема стратегија за привлекување на странски капитал е прашање кое постојано го поставуваат економистите, разочарани од погубните политики на власта. Политичката нестабилност во Македонија сериозно го „разниша“ бизнисот и затоа во земјава има се помалку нови странски инвестиции. Од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, за Алфа велат дека на земја и фали сериозен пристап до привлекување на странски капитал. Според Виктор Мизо, државата мора да го остави популизмот на страна и да се огледа на земјите од регионот кои обезбедуваат далеку подобра бизнис клима за разлика од Македонија.



Дека состојбата со економската стабилност не чини, алармира и советникот на Стопанската комора, Кристофер Сендерс. Вели дека политиката го кочи бизнисот и затоа Македонија нема стратегија за развој на економијата, која наместо да се развива, тапка в место.

Во последниве 5 години во Македонија речиси и да нема политика за нови странски инвестиции, а уште помалку за грижа на веќе постоечките инвеститори.  Недостасува стратегија за нивно привлекување. Но и покрај ваквата состојба, слушаме најава за нови концепти, политики и како и недостаток од квалитетен кадар.

Во првите три месеци од годинава вкупните странски директни инвестиции во земјава изнесувале 126,5 милиони евра, а во споредба со истиот период лани, регистрирано е намалување за дури 10,4 милиони евра, поради лошото менаџирање со странскиот капитал.