Културните инстицтуции во главниот град тонат пред очите на скопјани. Градското кино „Милениум“ се распаѓа, Универзална сала останува руина, а во очајна состојба е и Зоолошката градина каде нема ден, а да не избие некој скандал. Граѓаните остро реагираат оти градските власти како да живеат во друга држава. Со пропаѓањето на објектите од културата ни пропаѓа и самата култура, реагираат скопјани, кои како што велат, главниот град ја губи душата на една метропола.

Едно од најрепрезентативните кина во Скопје, киното „Милениум“ во Градскиот трговски центар е во очајна состојба, и речиси и да нема проекции. Покрај дотраениот ентериер, главен проблем за нормално фунлционирање на киното е недостигот на нов, современ проектор. Како што објавија некои медиуми, седум месеци киното функционира без дигиталниот проектор купен во 2012, а од Градот Скопје молк зошто не се купува нов.

И додека „Милениум“ нема основни услови за работа, во центарот на Градот во катастрофална состојба е симболот на Скопје – Универзалната сала. Скоро две години Данела Арсовска не мрдна со прст за да ја продолжи реконструкцијата на Универзална, проект започнат од Петре Шилегов. Останува непознато до кога овој објект ќе биде во ваква лоша состојба.
Претходно, градоначалничката наместо решение, се караше со Министерството за култура. Рече дека проектот не бил безбеден, а Советот во Град Скопје донел одлука реконструкцијата да ја преземе Министерството за култура, но Арсовска и натаму молчи. И додека градоначалничката се бави со се што не и е надлежност, расте револтот кај граѓаните.

Во меѓу време, за само 24 часа во скопската Зоолошка градина угинаа три коњи, со потекло од Монголија, донација на австриски национален парк. Сомнежот за намерно труење сега треба да го потврдат наодите од обдукцијата. Познавачите на состојбите алармираат дека на Скопската зоолошка под итно и треба ветеринар, кој навистина ќе се грижи за животните. Дека таму состојбата не чини веќе алармираа и од Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), кои велат дека кандидатскиот статус биз изгубен поради неисполнување на еден куп обврски. Чашата се прелила по скандалозното крвничко колење на десетина коњи и мазги кои преку ноќ беа донесени во скопската зоолошка.





