Договор нема и затоа нема да има ниту јавен превоз во Скопје ни утре. Уште од 4:30 изутрина вработените во ЈСП ги оставаат автобусите пред гаражите, зашто вработените и денеска не добија плата. Вечерва Советот на град Скопје со 24 гласа „за“ донесе препорака да се пренаменат пари од градскиот буџет за плата на ЈСП, па сега градоначачничката Данела Арсовска е на потег. До петок, најдоцна до 12 часот, во соработка со надлежните служби да донесе одлука за средствата и да бидат „де факто“ префрелни на сметка на ЈСП.
На гласањето на Советниците претходеше жестока дебата, во која учествуваше и Арсовска. Па, наместо за ЈСП, од говорницата се слушнаа секакви навреди и осуди. Ова го натера претседавачот на Советот, Трајко Славевски во еден момент да и го одземе микрофонот на градоначлничката Данела Арсовска. Тој се пожали дека му бил исклиучен системот со кој може да ги прекинува говорите на советниците.
Ова право на претседателот на Советот му е дадено со цел да не дозволува од говорницата да се користи говор на омраза, навреди по национална, етничка припадност, навреди на лична основа.
– „Копчето на претседателот му е дадено за да може да ја води седницата, затоа што било кој од говорницата може да изнесува навреди врз етничка, национална, лична основа и претседателот тоа мора да го спречи. Оваа седница ќе ја завршиме на овој начин“, рече претседателот на Советот, Трајко Славески.
Повторно на тема беше „шпицниот градоначалник“ што Арсовска и претходно го споменуваше. Арсовска од говорницата пак го спомнуваше, како што го нарече шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, и рече дека само се шетал и отворал чешми и тротоари со вмровските градоначалници.
– „Нема да ви го шетам шпицниот градоначалник, кој секој ден сече ленти за отворање на чешми. Ако сакал да биде градоначалник, што не се кандидирал? Вашиот директор (Игор) Јанушев (директор на ЈСП во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ – н.з.), еве го овде на слика, склучил штетен договор со Маратон со кој за да бидат налепени автобусите со реклами ЈСП добива 7.000 денари, а фирмата 2.000 евра. Е такви штетни договори вашите луѓе склучувале и директно сте одговорни за загубите на ЈСП“, рече Арсовска.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ѝ рекоа на Арсовска дека таа треба да се погледне во огледало затоа што не може сите да бидат виновни само таа да е во право, кога сега за првпат Скопје нема јавен превоз.
Вработените од ЈСП, кои дојдоа и во град Скопје, разочарани од седницата, брзо си заминаа. На одење, дури и се расплакаа пред камерите зашто немале дома да однесат леб.
– „Вие може политика да терате до сабајле, но сабајле автобуси нема да има. Вам не ви е гајле, вие не се возите со јавен превоз. Овие луѓе имаат деца, гладни се, немаат пари да им дадат за ужинка на училиште. Овде не видовме никој да каже како ќе се реши проблемот и ќе добиеме плата туку нивни партиски и политички препукувања“, рекоа од синдикатите.
Предлогот за пренамена на средствата од градскиот буџет уште вчера го даде советничката група на ВМРО ДПМНЕ. И денеска пред гласањето поставија ултиматум: ќе чекаме и со часови додека не се изгласа.





