Откако јавноста денеска бурно реагираше затоа што бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје беше пречекан со инструменталната верзија од македонската химна, од која пак беше отсвирена само една строфа, од Владата побрзаа да го оправдаат овој потег, тврдејќи дека „секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали.“
Сепак, од Академијата за протокол велат дека ова не е секогаш случај. Додаваат и дека македонската химна секогаш е далеку пократка од онаа на гостинот, иако светската протоколарна практика вели дека интонирањето на химните не треба да е временски драстично различно, односно една химна упадливо подолга од другата. Денеска, македонската химна ечеше 52 секунди, додека бугарската минута и 25 секунди.





