Зоран, Талат и помочаниот Уставен суд – пишува Горан Момироски

Во македонскиот јазик што според Бугарите бил измислен ноќта на 31 декември 1944 година има една фраза “мочање од ќерамиди”.



Таа фраза најчесто се користи кога некој од позиција на моќ некого го понижува, навредува, омаловажува или го минимизира.

Во ситуацијава измочаниот или литературно кажано уринираниот е Уставниот суд поточно неговите членови, еден по еден или како група.

При живи и здрави 6 активни членови на уставниот суд со тазе избрана претседателка Уставниот суд дозволува премолчено или со знаење македонскиот Устав да го толкува и за него да суди еден човек кој не знае колку први љубови имал во животот.

Со оценката дека спикерот на Собранието го прекршил Уставот на РМ и со заклучокот дека нема да преземе санкции против Џафери Зоран Заев пушти една долга, жолтеникава, соленкаста мочка (или урина) врз лицата, биографиите, делата и позициите на членовите на уставниот суд.

Очекував веднаш по изјавата на Заев највисоката судска инстанца во Македонија да реагира и да му каже на Заев дека тој, освен дека е незнајко, не смее да го толкува уставот и уште помалку да суди за него.

Но судиите и Уставниот суд молчат, чиниш како да ги облеала чиста утринска роса на Јакупица а не вербалната урина на премиерот наречен врховен поглавар на се во Македонија уште попознат како Ајатолахот Зоки, заповедник на се што може да биде поткупено и замолчено.

Ако Уставниот суд продолжи да молчи за упадот на Заев во ингеренциите на уставните судии тоа значи дека неговите членови дефинитивно не се видни правници туку обични ситни бирократчиња кои чекаат или дозволуваат извршната власт да им ја заврши работата за која се платени.

А тие понижени, помочани (вербално) и загубени во уставот да продолжат да ја земаат својата плата знаејќи дека ја продале душата и честа на ѓаволот.

Ако за овие зборови добијам тужба ич не се секирам, процесот ќе го води судијата во скопскиот граѓански суд примариус проф. Зоран Заев човекот со многу функции кој судството го отвори како пупка.