Зогај: „Бугарското вето, обид за распаѓање на Македонија“

Преч Зогај, влијателен интелектуалец и истакнат поет од Република Албанија, ветото на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ го оквалификува како „реален обид за распаѓање на Македонија“.



Оваа констатација тој ја изнесува во колумната под наслов „Постапки за распаѓање на Македонија“, објавена во албанскиот медиум „Панорама“, која ја пренесува весникот „Телеграф“.

Зогај, инаку и министер за култура на Албанија во два мандата, пишува: „Европската унија не успеа да ја убеди владата на Бугарија да го повлече ветото кон Македонија. Eвропските напори за постигнување договор меѓу двете земји беа поздравени во Скопје, но не наидоа на одѕив во Софија. Големо чудо е како една поранешна комунистичка држава – Бугарија, која имала привилегија да стане членка на ЕУ според забрзана постапка, да има во рака вето, за да го блокира проширувањето на ЕУ со нејзините соседи од регионот. И какво вето е тоа! Ниту заради исполнување на стандардите и задачите одредени од страна на ЕУ, ниту заради каков било инцидент, или друг понов настан во последниве месеци. Бугарското вето се однесува на барањата, претензиите и условувањата во врска со јазикот и историјата на нејзиниот сосед. Тоа се барања, кои немаат врска со стандардите на евроинтегрирањето.“

Авторот на колумната смета дека бугарските обусловувања на Македонија го спречуваат проширувањето на ЕУ: „Тоа се условувања спротивни на темелите на проектот на Обединета Европа. Таквото нечуено вето, кое Бугарија неочекувано го извлече од фиока, или од ракав, ги крева во воздух овие темели. Тоа произведува преседан, кој што служи, всушност, за спречување на проширувањето на ЕУ. Ако продолжи да биде успешно, бугарското вето би му послужило на разнишувањето, а зашто да не, и за уривање на зградата на ЕУ преку поттикнување слични претензии. Европа и Балканот се богати со такви националистички претензии.“

Зогај е категоричен дека „условувачките претендирања на Бугарија го навредуваат идентитетот на Македонците: „Ако распаѓањето на ЕУ може да наликува на фантазмагорија, бугарското вето постојано содржи елементи на вистински обид за распаѓање на Македонија. Покрај тоа што ги казнуваат интегративните стремежи, условувачките претендирања на Бугарија го навредуваат идентитетот на македонското население во мултиетничката Република. Не можеме да знаеме до која точка може да попуштаат Владата и Собранието на Македонија наспроти бугарските барања. Сигурно не до точка на самоодрекување од идентитетот. Постојат многу земји и народи кои говорат еден јазик, но имаат своја националност.“

„Албанците од Македонија ќе продолжат да му служат со решителност на проектот на мултиетничката република интегрирана во ЕИ. Но, никој не треба да мисли дека Албанците можат да останат заложници на стратегии спротивни на овој проект.“ – заклучува Преч Зогај во својата колумна посветена на евроинтегрирачките стремежи на Албанија и на Македонија.