ЗНМ: Или новинари или советници

„По информациите во јавноста дека одредени новинари се ангажирани од институции на државно и на локално ниво, сакаме да укажеме дека тоа е спротивно на Кодексот на новинарите на Македонија. 



Во темелните принципи, кои ги имаат прифатено сите наши членови, една од основните професионални задачи на новинарите е „контролата врз власта и другите субјекти од јавниот живот“, се вели во денешното соопштение на Здружението на новинарите на Македонија.

ЗНМ ги повикува своите членови и сите новинари кои имаат конфликт на интереси и имаат други ангажмани во рамки на Владата или останати јавни институции да се определат дали ќе се занимаваат со новинарство или со некоја друга јавна професија или функција.

Повикот следи откако во медиумите беше објавено дека новинарот од ТВ 24 Љубиша Станковиќ е ангажиран како ПР на Советот за реформи на правосудството од април минатата година и дека добива месечен хонорар од 30.000 денари, пишува „Фокус“.