Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост во врска со обвинението против Љупчо Златев, уредник на Лидер.мк од страна на Основното јавно обвинителство Скопје за наводно сторено кривично дел „Оддавање на службена тајна“, реагира ЗНМ и ССНМ.



„Загрижува фактот што Основното јавно обвинителство секогаш е проактивно кога има пријава од страна на државна институција во делот на слободата на изразување, а кога има барања за кривични постапување за прекршување на правата на новинарите, истите најчесто ги отфрла.

Во случаи кога ОЈО ќе отвори истрага по пријава од новинарските организации или група на новинари, овие случаи речиси никогаш не ни стигнуваат до Кривичниот суд или се влечат со години, за разлика од овој случај, каде практично за две недели ОЈО има завршена истрага и покренува обвинителен предлог.

Како професионални новинарски организации сметаме дека секогаш кога институциите преземаат активности со кои може да се прекрши слободата на изразување клучно е внимателно и прецизно да се проценува дали јавниот интерес преовладува над нормативните акти“ – велат од ЗНМ и од ССНМ.