Знае ли премиерот Ковачевски што е ,,деколте”?

Во очекување на формална разврска на вештачката ,,Афера деколте” која ја најави и наводната жртва пратеничката Снежана Калевска Ванчова се поставуваат неколку дилеми зошто премиерот Ковачевски ја отвори темата од вчерашната собраниска седница.



Една можност некој навистина да го снимал деколтето на искусната пратеничката од 15 сантиметри далечина како што тврди Ковачевски, а таа да не го забележи тоа, како што тврди самата пратеничката во изјава за Фокус.

Друга реална можност е премиерот со вештачка афера која содржи сексуална и родова конотација да се обидува да направи дефокус од повеќе кризи и гафови и со кои се соочува неговата влада.

Третата можност е некој од тимот за пропаганда на СДСМ да му напишал во говорот на Ковачевски дека треба да збори за женско деколте без да му каже што означува овој збор.

Од фотографиите кои беа објавени од наводниот инцидент јасно се гледа дека нема причина некој да го снима деколтето на Снежана Ванчова која е закопчана до вратот.

Да речеше Ковачевски дека некој ја снимал во лице, што е легитимно во вжештена собраниска дебата, можеби ќе имаше право но тоа немаше да предизвика дефокус од кризата на неговата влада.

Во текот на денот очекуваме анализа и реакција на македонските феминистички организации кои би требало да се изјаснат за ,,аферата деколте”.

Реакција се очекува и од жените пратенички од владечката коалиција особено од пратеничката на ЛДП Моника Зајкова која како либерална демократка прва би требало да излезе во одбрана на правата на Калевска-Ванчова.