На светските берзи цените на нафтата остро паднаа во првите денови од 2023 година, бидејќи трговците стравуваат дека поради забавувањето на растот на најголемите светски економии, побарувачката за „црното злато“ ќе ослаби, пренесува Ројтерс.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела потона за 8,5 отсто – на 78,57 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 8,1 отсто – на 73,77 долари.
По порастот од речиси 13 отсто во претходните три недели, цените на нафтата изгубија добар дел од тие добивки минатата недела. Ова е резултат на загриженоста за побарувачката, особено од Кина, најголемиот увозник на „црното злато“ во светот.
Откако три години водеа политика на „нулта толеранција“ за корона вирусот, кинеските власти забрзано ги ублажуваат рестриктивните мерки, што треба да го забрза растот на втората по големина светска економија.
Трговците ги загрижи и предупредувањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгијева, дека годинава ќе биде потешка од минатата поради истовременото забавување на економиите во САД, Кина и Европа и дека земјите кои сочинуваат приближно една третина од светската економија би можеле да паднат во рецесија.
Се очекува забавување на економскиот раст бидејќи американската и европската централна банка, како што е најавено, годинава повторно ќе ги зголемат каматните стапки за да ја потиснат инфлацијата.
Минатата година цената на нафтата на пазарот во Лондон порасна за околу 10 отсто, што е најмногу последица на пореметувањата на пазарот поради војната во Украина, додека пред една година, благодарение на закрепнувањето на светската економија од кризата со корона скокна за повеќе од 50 отсто, потсетува Хина.






