Интерес за штедење енергија има, но можност за тоа имаат само богатите, покажуваат искуствата на фирмите кои работат на полето на енергетската ефикасност. Пописот покажа дека само 34% од зградите имаат енергетски ефикасна фасада, 11% од становите се со инсталација за соларни системи.
Цената на енергијата расте, властите велат дека будно ја следат ситуацијата, а граѓаните стравуваат – дали се згреат зимава во домовите што пропуштаат половина од топлината и без можност за ставање соларни системи. Последниот сет податоци од ланскиот попис, објавен минатата недела покажаа дека само 34% од зградите во земјава имаат енергетски ефикасна фасада, а во едвај 11% од становите има поставено некаква инсталација за соларни колектори, која не е секогаш функционална.
Скопјанецот Рубин Илиев пред еден месец стави енергетски ефикасна фасада на куќата во која што живее. Вели, одлуката за тоа била донесена од поодамна, ама чекал да дојдат подобри времиња. Пресудно било тоа што материјалите ги купил лани, кога цените биле драстично пониски, а олеснување било и тоа што со семејството имаат градежна фирма.
Вели дека уште летово увидел колкава е разликата со и без фасада. Ако лани клима уредот редовно работел, годинава во најтоплиот период го вклучиле само двапати. Уверен е дека заштедите ќе бидат големи и зимава, дотолку повеќе што цената на струјата расте. Сепак, искрен е Илиев, ако требало да става фасада со моменталните цени, веројатно ќе се откажел од идејата, ито како што тоа го направиле многу од неговите потенцијални клиенти.
„Се откажуваат бидејќи високи се цените. И тие што беа заинтересирани, или на ред во поодминати преговори. Значи се е веќе откажано. Петка (дебелина на фасада) доаѓа веќе 30 евра по квадрат, со осмица би било преку 33 евра, со десетка преку 35, со стандардни материјали. Ако се стават и поквалитетни материјали, сигурно ќе биде уште 20-30 посто поскапо. Значи многу отиде (цената) во однос на лани, со 50 % и повеќе“, загрижен е Илиев.
Линк до целиот текст.






